quantum-computing

Моменталната компјутерска технологија е базирана на филозофија стара речиси цел век. Компјутерот е ништо повеќе од брз сметач кој прима инструкции и истите ги извршува на точно определен линеарен процес. Тој нема способност за правење ништо вон овој линеарен процес. Тој може да го направи она што програмерите го “научиле” да го прави, односно да се движи по онаа линија која е нацртана од инженерите.

Сепак се чини дека информатичките научници секаде во светот се обидуваат да откријат која ќе биде филозофијата на компјутерите од иднината. Постојат повеќе филозофии за поставување на компјутерот на иднината, и сите тие имаат заедничко што се драстично поместување од старата линеарна филозофија.

Можеби најпознатата замисла за идни компјутери е онаа за квантно компјутерство – тоа е идејата дека компјутерот би бил базиран на квантни и менливи состојби. Ако оваа реченица ве буни, не се чудете, тоа значи дека не сте теоретски физичар. Во пракса ова значи дека ќе имаме компјутери кои решаваат многу посложени проблеми, многу побрзо.

Додека стандардните процесори имаат само состојба на нула или кец, односно вклучено или исклучено, квантниот компјутер нуди многу повеќе можни состојби помеѓу овие две, базирано на механичките феномени кои ги запазува квантната физика.

Еден друг пристап кон компјутерот на иднината е таканараченото неуроморфично процесирање. Ова произлегува од еден популарен тренд во филозофијата на науката денес, а тоа е желбата да се осознае како природата решила одредени проблеми во биолошките организми, и соодветно на тоа да се моделираат и одредени научни решенија. Овој пристап беше успешен во многу сфери како на пример во архитектурата каде голем број нови откритија и методи на градба произлегоа од проучувањето на тоа како природата гради одредени структури или организми.

Навраќајќи се на неуроморфичниот компјутер, тоа значи дека компјутерите би требало да решаваат проблеми на сличен начин како нашиот мозок. Во основа човечкиот мозок е една огромна мрежа на меѓусебно поврзани неврони, и секоја замисла, слика, идеја или информација во нашиот мозок е како асоцијација на поврзани неврони. Теоретски гледано, неуроморфниот процесор би требало да работи слично на човечкиот мозок и неговиот процес на поврзување неповрзани информации.

Иако сето ова звучи збунувачки, во пракса само значи дека ваквите компјутери би имале способност да учат и да се приспособуваат. Тоа значи дека ќе има помалку работа за програмерите. Наместо да мора еден програмер да смисли алгоритам за препознавање (на пример) италијански песни, ние ќе можеме на овој компјутер да му дадеме цела колекција италијански песни и тој самиот да научи да ги наоѓа поврзаностите помеѓу нив.

Секако сето ова веднаш буди страв кај голем број луѓе, што ако компјутерите учат се повеќе и повеќе, стануваат независни и евентуално научат дека ние луѓето сме им непотребни? Како што се остварија најголемиот број предвидувања во научната фантастика, дали можеби ќе се случат и оние мрачни сценарија од типот на терминатор – каде што компјутерите стануваат толку интелигентни што ни објавуваат војна?

Сето тоа останува да биде видено, но не е мал бројот на загрижени научници, и впрочем со секоја нова теорија за иднината на компјутерите се појавуваат и се повеќе научни и владини комисии кои уште сега дебатираат за безбедноста и опасностите од овие идни технологии.

 

Претходна статијаPebble претстави продавница за апликации и нов часовник од челик
Следна статијаНов ветувачки силиконски супер кондензатор