Не знам за вас, но за мене ова откритие е едно од најдобрите за кои имам прочитано изминатиот период. Поточно, двајца истражувачи од Бостонскиот Универзитет, професор и докторант, имаат развиено материјал којшто успешно ги блокира звуците, до 94% од нив.

Материјали кои овозможуваат добра звучна изолација секако постојат, но она што го прави овој материјал различен е тоа што тој во исто време овозможува проток на воздух и светлина. Тоа значи дека овој материјал отвора многу нови можности каде ќе може да се примени звучна изолација, места каде досега не било баш можно.

Материјалот, односно како што е наречен, акустичен мета-материјал, е направен врз основа на математички пресметки од страна на истражувачите. За разлика од други материјали со ваква намена, овој ги враќа звучните бранови назад од каде што доаѓаат, наместо да ги апсорбира или нешто слично.

Математичките пресметки се основата за тоа каква форма треба да има материјалот со цел да ја има потребната способност. Неговото креирање е направено со помош на 3D принтери, што ја прави работата уште поедноставна.

Овој материјал е направен во форма на прстен, што значи дека не ја затвора целосно просторијата каде што треба да биде „спречен“ звукот. Формата е таа која ги враќа звучните бранови, а истражувачите тоа го имаат демонстрирано преку негово поставување на крајот од цевка низ која се пушта звук од звучник. Резултатот од експериментот можете да го видите на следното видео.

Примените на овој нов материјал се навистина корисни. Како примери може да се истакнат дроновите, а секако уште поинтересна би била примената кај моторите од авионите. Друг пример е изолацијата на населени места од околниот сообраќај, а јас секако морам да ја споменам и изолацијата помеѓу становите во зградите.  

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.