Garmin+top+3

Многумина од нас возат велосипеди, а нивната бројност (за среќа) сè повеќе се зголемува во Скопје и Македонија. Асални патеки немаме и постојано си ги кршиме велосипедите на тоа што треба да личи на „велосипедска патека“. Велосипедски или велокомпатибилни патеки меѓу градови нема. Нема ни засебни патеки со приоритет за велосипеди во градовите, па велосипедистите мора да се однесуваат делумно како моторно возило, а делумно како пешаци.

Сепак, одиме напред и велосипедизмот се развива. За оние кои сакаат или размислуваат поозбилно да почнат да се бават со овој спорт секако ќе размислуваат за додатоци кои ќе им овозможат одлично искуство. Овие додатоци често знаат да бидат прилично скапи, но да остваруваат функции и да ви помагаат во остварување на целите.

Таков додаток е Garmin Varia Vision, кој претставува интересен Bluetooth екран кој се закачува на вашите (спортски) очила. Тој се поврзува со разни уреди, пред сè со тие на Garmin како Garmin 520 и Garmin 1000, а може да се поврзе и со вашиот Андроид телефон.

По поврзувањето тој ви прикажува најразлични информации, како стандардните спортски (преминато растојание, потребно време, брзина на движење и слично), а ако се поврзе со телефон ви прикажува и евентуални повици и пораки. Ако го поседувате уредот Garmin Varia Rear Radar екранот ќе ви прикажува и приближување на возила зад вас – нивното растојание, време на стигнување и брзина на движење.

Како работи

Varia Vision е екран кој ја проектира својата слика врз вашите очила од надворешната страна. Го закачувате на левата или десната страна, а го управувате со поминување со прстот по осетливата површина (која може да се командува и со ракавици).

Екранот е со резолуција од 428 х 240 пиксели кој автоматски се ориентира во однос на поставеноста кога ќе го вклучите уредот, а исто така има сензор за нивото на надворешна светлина што му помага да ја нагоди јачината на светење за да можете да го видите.

За користење на уредот секако ќе ви требаат спортски очила бидејќи за него е предвиден, а ако го закачите на „обични“ нема да може да се намести соодветно. Уредот секако е водоотпорен и батеријата номинално „држи“ до 8 часа постојана работа. При поврзувањето со Garmin уредите тој може исто така да ви ја прикажува патеката по која се движите и да ве упатува преку прикажување на стрелки.

Garmin-Vaira-Vision-Edge-Pairing0_thumb

Овој уред е наменет за понапредни велосипедисти кои се натпреваруваат или поминуваат големи патеки и не е наменет за користење низ град. Тоа не значи дека нема да можете да го користите така, но постојаното тргни-застани нема да ги искористи сите негови потенцијали.

Како што напоменав погоре, ваквите уреди се најчесто прилично скапи, па тоа не е исклучок со овој уред. Поточно, самиот уред не е толку скап со неговите 400 долари, но земајќи предвид дека треба да си купите спортски очила (од минимум 40 евра), Garmin уред (250 – 400 евра) и цената бргу се накачува.

Сепак, за професионални велосипедисти Varia Vision може да значи огромна помош при натпреварите и возењето, а познато е дека тие и така не се штедат кога се работи за нивната страст.

Дополнителни информации: Engadget, DC Rainmaker, Bicycling.com

Претходна статијаБрутални историски настани што го инспирирале создавањето на „Game of Thrones“
Следна статијаMicrosoft развива нов систем кој ќе го чувствува прстот уште пред да го допрете дисплејот