Според информации од Reuters, францускиот претседател Емануел Макрон овој викенд има одобрено креирање на вселенска команда која ќе биде дел од воздушните сили на француската армија.
Со тек на време француските воздушни сили би се нарекле „Вселенски и воздушни сили“, односно „Space and Air Force“. Со ова, Франција се приклучува на САД кои веќе донесоа одлука за формирање на нивните таканаречени „Space Force“ како посебен дел од американската армија.
Со оваа одлука на Франција можеме да го видиме почетокот на вооружување на земјите и во Орбитата на Земјата, со што се дава ново значење на зборот војување, со надеж дека никогаш и нема да видиме на што ќе личи тоа.
Орбитата на Земјата веќе се користи за воени цели, меѓутоа тоа во основа се сведува на поставување на сателити кои можат да помагаат при разузнавачки активности или помагање на воената опрема.
Со овие одлуки кои ги започнуваат САД и Франција, започнува нова ера која подразбира воведување на вооружување во Орбитата, кое се најавува дека е тука за заштита на сателитите кои се поставени, меѓутоа јасно е дека доколку треба, тоа ќе може да се користи и за многу повеќе.