Boeing и JetBlue, едни од најголемите компании во авио-бизнисот, решија да инвестираат средства во стартап проект кој развива електрични мотори наменети за летала. Веста ја сподели со Business Insider основачот и генерален директор на компанијата Zunum Aero, Ашиш Кумар. Тој не успеја да го сокрие задовлството од тоа што две од најголемите компании присутни во бизнисот со летала и авио-транспорт решиле да го потпомогнат токму неговиот бизнис.

Се работи за проект кој ќе направи револуција во авио-транспортот, па не е воопшто зачудувачки што двете компании пројавиле интерес и гледаат огромен потенцијал токму во електричните мотори. Потенцијалот кој го забележале компаниите секако се темели на одржливоста, помалите трошоци за горива, но и еколошкиот аспект.

Што се однесува до конкретниот модел кој го развива компанијата Zunum Aero, тој би можел да превезува помеѓу 10 и 15 патници, на регионално патување од максимум 1600 километри. Моторот кој ќе го понесе леталото би бил погонски, а напојуван со електрична енергија од батерија. Во секој случај, авионот би бил опремен и со класичен дизел-мотор или турбина, кој би му додал на максималното покриено растојание или маневар во итни случаеви.

Мора да се напомене дека леталото нема наскоро да се најде на небото, бидејќи се работи за се’ уште недоволно развиен концепт. Во таа насока, дизајнерите се обидуваат да овозможат голем приспособлив капацитет, тоа ќе значи дека дизајнот на леталото ќе остави простор за понатамошни приспособувања на технологии кои допрва ќе се најдат како потребни.

Проектот е ветувачки, од неколку аспекти. За почеток, примарниот модел емитира 80% помалку штетни гасови, споредено со неговите традиционални „роднини“, а од компанијата се уверени дека со дополнителни унапредувања, емисијата би можела да биде сведена на 0. Покрај останатото, електричните мотори се далеку понечујни од традиционалните, што значи дека моделот на Zunum Aero ќе биде за цели 75% потивок од било кој „нормален“ авион.

Меѓутоа, она што најмногу ќе ги засега корисниците на авионските услуги, секако е цената. Електричните мотори се далеку поекономични од стандардните мотори за авион кои користат керозин. Па така, Ашиш Кумар верува дека користењето на неговите авиони за кратки, регионални патувања би можело да чини помеѓу 40 и 80% поефтино.

Извор: Business Insider

Претходна статијаБесплатен месец на coworking во ЦЕЕД Хаб Скопје
Следна статијаXiaomi го претстави Mi Pad 3 со 7,9 инчен дисплеј и 4 GB рам