Во Дубаи се одржа првото тест-возење на автономно-управуваното летачко такси. Како што со сериозна доза на гордост беше најавено, ова е првиот во светот автономно управуван летачки такси сервис кој е замислено да ги пренесува патниците на територијата на градот Дубаи.

Возилото кое се одликува со способност за вертикално полетување и слетување, има капацитет од двајца патници, го комплетираше своето прво тест-возење кое траеше околу 5 минути, на висина од 200 метри. Првиот лет не беше изведен со патници, од очигледни безбедносни причини, а самиот чин го проследија претставниците на највисоката власт на оваа арапска земја, меѓу кои и самиот Принц од Дубаи, Шеикот Хамдан бин Мохамед.

Возилото го призведува германската компанија Volocopter за потребите на Министерството за патишта и транспорт на Обединетите Арапски Емирати. Прототипот кој беше тестиран е опремен со 18 пропелери напојувани со 9 батерии, што му овозможува на возилото лет од 30-тина минути, при просечна брзина од околу 50 км/ч. Што се однесува до максималната брзина, леталото може да развие и до 100 км/ч.

Овие параметри, секако, не се конечни, туку напротив се очекува да бидат унапредувани до самиот крај на пробната фаза. Според моменталните очекувања сервисот ќе стане комерцијално достапен веќе во 2022 година.

Извор: Mashable, BusinessInsider

Претходна статијаБил Гејтс почнал да користи Android смартфон
Следна статијаКонзолата на Atari ќе чини од 250 до 300 долари, а ќе има AMD чип и Linux оперативен систем