Напредокот на технологијата, особено во доменот на мобилноста, им овозможува на здравствените установи денес прилично брзо да се најдат на местото каде некој пациент има проблем. Сепак, простор за напредок дефинитивно има и тој е во небесните височини.

Поточно, според истражувачи од Каролинска Институт во Шведска, дроновите би можеле да стигнат цели 17 минути порано од амбулантно возило на местото каде е пациентот, што може да биде разликата меѓу живот или смрт.

Дроновите би носеле само дефибрилатори, кои се најважни за враќање на пациентот во живот и кои треба да се искористат што е можно побрзо по настапувањето на срцевиот удар. Доказ за ова е фактот што дури 90% од луѓето кои добиле инфаркт надвор од болница не преживуваат, поради тоа што добиваат третман прекасно (се однесува на истражувања во САД; на истражувања во Шведска има 0 преживеани бидејќи се чека 30 минути за амбулантно возило).

Секако, засега ова е само пилот проект, кој има ограничувања. На пример, дефибрилаторот треба да го користи само стручно лице, бидејќи може да нанесе сериозни телесни повреди, а како што знаеме докторите сѐ уште не може да ги издржи еден мал дрон. Самите дефибрилатори кои се користени во истражувањето инаку тежат под 1 килограм, што ги прави идеални за пренесување со дрон – потешка медицинска опрема не би успеала.

Иако е проект кој треба да се разработи, донесувањето со дронови на најразлични пакети, како во овој случај дефибрилатори за пациентите од срцев удар или пак од друга страна пакети од шопинг на онлајн продавниците, дефинитивно ќе биде дел од нашата иднина, бидејќи значително го олеснува преносот на полесните предмети. За 10-тина години отсега, очекувајте да гледате многу повеќе дронови на небото.

Извор: AP News Archive, Telegraph, The Guardian

Фото: Centre for Resuscitation Science, Karolinska Institutet

Претходна статијаИницијатива: PayPal за продажни места во Македонија
Следна статијаНов стартап од поранешни вработени од Nokia ветува VR очила со значително повисока резолуција