Дали некогаш сте помислиле дека домот во кој живеете може да Ви носи профит. Оваа идеја е реална доколку објектот успее да произведе електрична енергија повеќе отколку што ќе потроши, а вишокот на електрична енергија се продава на слободниот пазар. Ваквиот совршен дом постои во Обединетото Кралство и е дело на Koru Architects. Објектот наречен Lloyd House, е изграден во East Sussex во Англија, понастрана од градските гужви. Најинтересниот факт поврзан со овој дом е тоа што носи заработка од околу 2.650 фунти годишно.

Предноста која ја носи ваков објект е тоа што самиот може да помогне во плаќање на киријата, доколку е изнајмен. Lloyd House е комплетиран во 2011 година, има три спални соби и троши само половина од електричната енергија која што ја троши еден просечен дом во Велика Британија. Изграден е претежно со природни материјали, од коишто дрвото доаѓа до израз пред се во дизајнот на оваа градба. Еден од најиновативните детали е 4.700 литарскиот систем за собирање на дождовни води – Freewater UK Elite.

Познавајќи ги временските услови во Велика Британија, и огромните количества на дожд кои паѓаат на територијата на оваа држава преку целата година, еден ваков систем е идеално решение за заштеда на вода. Насобраната дождовна вода се користи за наводнување, за машината за перење алишта, како и за WC шољата. Топла вода за користење, но и за подно греење, се обезбедува преку 6 киловатен соларен термален систем и преку 10,5 киловатен бојлер кој работи на пелети.

Извор: Inhabitat

Претходна статијаСамсунг го претстави робусниот, но елегантен Galaxy XCover 4
Следна статија8ми пат SkopjeTeechMeetup – Интервју со Мартин Ковачки