clip-air

Денес во редовниот транспорт постојат неколку проблеми кои треба да се решат. Замислете дека треба да одите за Амстердам, а претходно треба да го посетите Брисел. Купувате карта од Скопје до Шарлеруа. На денот на полетување чекате саат и половина за да се качите во авионот, па толку време за да стигнете до Шарлеруа, па уште половина час за да излезете од аеродромот. Потоа земате такси до железничката станица (20 минути), па таму чекате уште 15 минути за воз до Брисел.

Потоа вршите работа низ Брисел, а на крајот од денот чекате половина час нов воз до Амстердам и патувате 4-5 часа. Некој ќе рече дека ова е супер, но може да биде далеку побрзо. Имено, паузите меѓу качувањето и спуштањето од авион и воз во горната хипотетичка ситуација се околу 3 часа.

Сега, замислете си да бидат поништени цели 1,5 часа од нив т.е. околу 50%. Како? Со Clip-Air.

Што е Clip-Air?

Се работи за хибрид меѓу авион и воз. Практично тоа е концепт за авион кој личи на огромен бомбардер и кој со себе ќе може да носи до 3 вагони полни со луѓе, роба или други работи погодни за транспорт.

По слетување вагоните се прикачуваат на пруга (маглев или обична) и на некоја локомотива која директно продолжува до потребната дестинација без да се губи време на излегување од аеродром, доаѓање до железничка станица, чекање воз и слично.

Самите вагони ќе имаат капацитет до 450 патници и до 30 тони товар што е прилично значаен износ. Со оглед на тоа дека ќе бидат три такви тоа би значело дури 1350 патници и/или 90 тони товар во максимален капацитет – цела армија на луѓе и опрема!

Концептот е предложен од конзорциум предводен од Швајцарскиот федерален иститут за технологија во Лозана и се работи за концепт кој целосно ќе се оствари тек 50-тина години одсега. Првата, помала, верзија од концептот која ќе може да пренесува до 150 патници се надеваат дека ќе ја развијат за 10-15 години.

Патувањето станува сè по достапно

Со години слушавме за суперевтините летови низ ЕУ кои некогаш чинеа по 20 евра меѓу две земји (на пр. Германија и Франција), а кај нас летовите на пократки дестинации чинеа и по 200 евра. Потоа се појави суперевтина „буџет“ компанија и кај нас која ни овозможува да патуваме на 30-тина дестинации за смешни пари („на кафе во Лондон!…“).

Паралелно на тоа се развиваше и патниот транспорт, па постојат супербрзи возни линии меѓу повеќето градови во развиените ЕУ земји. Возови кои „летаат“ со над 250 км/ч ве пренесуваат од место до место за неколку часа, нешто што земало месеци пред еден век.

Со проектите како Clip-Air ова дополнително ќе се скрати, а веројатно со технологијата на холограми и виртуелна реалност ќе исчезне потребата воопшто да се патува било каде бидејќи ќе можете да бидете каде и да посакате инстантно.

Дополнителни информации: The Verge, Gizmag

Претходна статијаИсториски медали за македонските каратистки
Следна статијаNintendo NES се враќа – чини 60 долари и доаѓа со 30 вградени игри