homx1mjij7pbmapf0zgv

Ако сте имале редовен проблем со обивање во домот или гаражата знаете дека полицијата е немоќна во средба со искусни крадци. Едно од можните решенија е да го снимите крадецот за да му го откриете идентитетот. За жал, сегашните камери кои постојат за оваа цел се незграпни и големи (па искусен крадец лесно ги забележува и избегнува преку користење маскирна облека), бараат постојана врзаност до струја и компјутер за да ја пренесуваат снимката, снимаат најчесто во мала резолуција, па често не може да се распознае кој е точно на сликата, и снимаат се` што ќе помине, што ги прави рушител на приватноста на сите оние кои не се криминалци.

За да ги решат погоренаведените проблеми една американска компанија ја создаде Butterfleye. Butterfleye е камера која ја сместувате во домот или на друго место и таа, со помош на вградените сензори, (се обидува да) препознава кој од луѓето/миленичињата/објектите кои се движат пред неа е „домашен“, а кој е потенцијален непосакуван гостин. Камерата има сензори за движење, за звук, за телефони и други преносни уреди. Преку своите сензори снима тоа што се движи низ домот и само кога се движи, а со помош на алгоритмите кои учат од вас, одредува што ќе зачува и ќе прикачи на серверот во кодирана форма.

Луѓето и миленичињата кои се „домашни“ ги препознава преку нивните лица, форма и уреди кои ги користат, па тие работи не ги закачува на серверот. Дополнително, вие можете да се логирате и да ја вклучите камерата за преглед по дома во било кој момент преку мобилна апликација (на пример, додека сте на годишен одмор), со тоа што на нејзе се пали светилка која означува дека некој набљудува како би лицата кои се внатре во домот си ја заштитиле приватноста (што ќе се согласиме дека е меч со две острици бидејќи и потенцијалните крадци ќе се скријат ако ја видат светилката).

Butterfleye снима Full HD видео (1920 х 1080) што е прилично голема резолуција која ќе помогне во распознавање на разни криминалци, а има капацитет да зачува до 12 часа снимање во себе ако не е поврзана на серверот.

Камерата може да работи безжично или поврзано на струја, а според производителот со едно полнење може да издржи до неколку недели, под услов во домот да не ви упаѓаат постојано „недомашни“ луѓе кои би ја активирале да работи и снима постојано (во кој случај нашата предпоставка е дека нема да се грижите многу за колку ви држи батеријата на Butterfleye). Кодирањето на видеата е со алгоритмот AES128 кој веќе е делумно застарен и многу од државните агенции и напредни хакери веројатно се способни да го пробијат, што поставува прашање за изведливоста на почитувањето приватност со Butterfleye.

Зачувувањето на приватноста со оваа камера е дополнително доведено во прашање со „паметноста“ на алгоритмот и неговата способност да одбере што точно да снима, а што да исфрли. Дополнително, компанијата има коден клуч за да може да ги отвори снимките, што дополнително ја загрозува нивната изјавена цел за зачувување на приватноста на домашните.

Дали Butterfleye е доволно безбедна за да ја користите секојдневно во вашиот дом? Ако сметате да, можете да ја посетите и поддржите Indiegogo кампањата и за 199 долари да си нарачате едно вакво миникамерче.

Извор: TechCrunch, Indiegogo, CNet

Претходна статија3Д испечатени роботчиња „микрориби“ кои ќе се борат против отрови
Следна статијаНаскоро ќе можеме да докажеме дали животот почнал во Сончевиот систем