Bluetooth-logo.svg

Кога ќе се спомене Bluetooth технологијата, можеби повеќето корисници ги асоцира на нешто што порано го имаат користено за префрлување на податоци помеѓу два уреди, со бавна брзина и потреба уредите да останат еден до друг. Покрај тоа, честа е употребата на технологијата за поврзување на слушалки или безжични звучници со мобилните уреди.

Меѓутоа оваа технологија се користи за многу повеќе, а се очекува таа бројка да продолжи да расне во иднина. Тоа е така во главно поради нејзиното користење во Internet of things уредите, односно трендот на поврзување на уреди кои што до пред некое време се сметаат за обични уреди кои што се користат веќе одамна. Тука се разбира мислам на паметните сијалици, фрижидери и многу уреди кои што овозможуваат поврзување на одредени вакви уреди на интернет и со тоа им се овозможува да бидат контролирани преку мобилните телефони од било каде.

oort-Smart-Home-300x215

Новата верзија од Bluetooth, поточно 4.2, донесува неколку подобрувања од кои што едното е директно поврзано со паметните уреди кои што ја користат оваа технологија. Bluetooth 4.2 ќе овозможи на сите уреди кои што се компатибилни со оваа верзија, да се поврзат на интернет директно преку IPv6/6LoWPAN протоколите. Тоа значи дека овие уреди ќе можат да се поврзат директно на интернет преку рутерот или пристапните точки кои што ги имаат корисниците дома, наместо за тоа да им е потребен посебен уред, односно хаб со кој што обично доаѓаат ваквите уреди.

Ова значително треба да ја поедностави работата, но и трошоците за поврзување на новите паметни уреди. Тие без потреба од Wi-Fi чип ќе можат самите да се поврзат на интернет, без потреба од дополнителни уреди помеѓу нив и рутерот. Ова исто така ќе овозможи да се прават комбинации од паметни уреди, без грижа дали истите ќе можат да се поврзат, посебно доколку се од различен производител.

Bluetooth 4.2 дополнително донесува и подобра безбедност и приватност за корисниците. Следењето на локацијата на уредите веќе нема да може да се прави без согласност од корисникот. Тоа ќе претставува проблем за трендот во трговските центри во САД, каде што продавниците следат дали нивните корисници се во близина за да им испратат одредени понуди. Доколку би сакале ова да продолжат да го прават, тие ќе мора да понудат начин корисниците да се согласат на ова, односно да инсталираат одредена апликација со конкретна намена.

Новата верзија на Bluetooth исто така доаѓа со зголемена брзина на пренос на податоци, како и на капацитетот за пренос на пакетите со податоци. Така, брзината треба да биде поголема за 2,5 пати, додека капацитетот до 10 пати. Додатно уредите кои што ќе работат на оваа верзија ќе трошат помалку енергија, меѓутоа точното намалување на потрошувачката не е истакнато.

Извор: Bluetooth, TechHive

Претходна статијаАуди систем за зголемување на ефикасноста на градското возење
Следна статијаAdblock Plus сега овозможува блокирање на Seen во пораките на Facebook
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.