103081540-GettyImages-492682162.530x298

Иако автопилотот, односно можноста автомобилот сам да се вози, достапна кај моделите на Tesla не е совршен, еве случај каде оваа технологија буквално го спаси животот на својот сопственик, но веројатно и на многу други учесници во сообраќајот.

Имено, Џошуа Нили, кој го поседува SUV моделот Tesla Model X, добил белодробна емболија, која се појавува во вид на напад и која го спречила да вози. Иако тој бил цело време свесен, бил под голем притисок од нападите и одлучил да го активира автопилотот и преку навигацијата да го насочи кон најблиската болница. Автомобилот ги следел упатствата и самиот извозел 30 километри автопат за да го однесе својот сопственик до болницата и да го спаси од многу полоша судбина.

Токму ова е еден од случаите каде автопилотите можат да бидат од голема помош. Секоја година, голем број на сообраќајќи се случуваат токму поради проблеми со здравјето на возачите, како на пример срцеви и мозочни удари, кои можат целосно да ги оневозможат да управуваат со возилото. Во тој случај, покрај самите себе си, тие се опасност и за другите во сообраќајот. Автопилот системите за автономно возење, бидејќи можат да преземат целосна контрола на возилото, драстично ја намалуваат шансата за судир во тој момент, а во случајот на Џошуа дури и можат да го спасат сопственикот од смрт.

Од друга страна, бидејќи автономните системи се уште не се покажуваат како целосно безбедни, во моментот најрационална одлука веројатно би била возачот да застане до патот и да повика брза помош… Но, работите и вака завршиле добро, па иако возачите не треба 100% да се ослонуваат на својот автопилот во Tesla, добро е да се знае дека автономната иднина дефинитивно ќе го направи целиот сообраќај побезбеден за сите учесници.

И да, Tesla е далеку од дофатот на многу купувач на автомобили, но сите останати производители веќе нудат полу-автономни системи во своите модели, кои можат да се добијат со мала доплата и кои можат да го корегираат движењето на автомобилот и дури и автоматски да закочат во случај возачот да не забележи некоја препрека. Топло препорачувам да вложите во нив кога ќе купувате нов автомобил, наместо во некои делови од опремата кои се наменети чисто за луксуз и кои неретко знаат да чинат и многу повеќе пари. Безбедноста на прво место!

Извор: TechCrunch, Fortune, The Verge

Претходна статијаНовите модели од S серијата на Samsung ќе доаѓаат само со Edge верзија
Следна статијаНаучници претставија Квантен Компјутер кој може да се репрограмира