Што би се случило доколку возилото ви е на автопилот, а пред Вас се случи сообраќајна несреќа? Знаеме дека компаниите вршат најразлични тестирања за најразлични ситуации, но сепак се’ уште постои доза на скептицизам додека сето тоа не се потврди во реалниот свет. За среќа денес преку интернетот сите сме поврзани на некој начин, така што секоја случка „фатена“ на камера лесно може да стигне до секој од нас.

Најновата ваква снимка ни доаѓа од Холандија, каде што сопственик на Tesla Model X вози на автопилот и пред него се случува сообраќајна несреќа. На снимката која е направена преку обична dash камера која ја користел сопственикот, може да се види дека системот за предупредување наречен Forward Collision Warning почнува со кочење дури и пред да се случи сообраќајката. Tesla Model X има вградено автопилот 8.0 верзија.

Основачот на Tesla, Елон Маск во неколку наврати потенцираше дека автопилотот во неговите возила постои за да ги спасува животите на возачите и на патниците во нив. Со навременото кочење во конкретниот случај, возилото на холандскиот сопственик останува недопрено, но за среќа нема посериозни повреди и кај другите учесници во сообраќајната несреќа.

Најновата надградба на автопилотот на Tesla се случи во септември оваа година. Од компанијата велат дека е најзначајната надградба досега, особено поради тоа што креира слика од реалниот свет користејќи радар и визуелни сензори. Како и да е, ова е доказ дека новите технологии со право ќе учествуваат и ќе ни помагаат во возењето во иднина.

Извор: Engadget, Thrillist

 

Претходна статијаРај за “градење” компјутер во Corsair Crystal Series 570X
Следна статијаLenovo ја освежува ThinkPad линијата со нови Intel Kaby Lake процесори и Precision тачпади