Autodesk VRED Professional 2017 SR1

Автономни возила или самоуправувачки автомобили, според Wikipedia, се возила кои се способни за детектирање на опкружувањето и навигација без контролирање од човек. Автономните возила можат да го детектираат опкружувањето со помош на повеќе техники како радар, GPS, одометрија и компјутерски камери. Со комбинација од овие техники, автомобилите знаат каде и по кој пат треба да се движат за да стигнат до целта, знаат кога да закочат и кога да тргнат, знаат да детектираат пешак, црвено или зелено на семафор, знаат колкава е максималната брзина со која смеат да се движат. Првите обиди за автономни возила датираат од 1920-30ти години, но за прв пат вистински автономни возила се појавуваат во 1980-тите години на Навлаб и на Мерцедес.

Иако повеќето автомобилски компании имаат успешно развиено прототипи на автономни возила како Mercedes-Benz, General Motors, Continental Automotive Systems, Autoliv Inc., Bosch, Nissan, Toyota, Audi и Volvoо, сепак, моментално најпопуларни автономни возила се на Google и на Tesla Motors. Возилата на Google го поминаа скоро цел свет, некои од нив без директна контрола на човек во возилата и имаат поминато околу 1.500.000 километри. Целта на возилата сепак не е масовно производство, сега за сега, бидејќи Google ги користеше за мапирање на патиштата и за исцртување и фотографирање на илјадници локации низ светот. Со помош на Google Maps сега можете да се движите виртуелно низ голем број на локации. Во секое автономно возило на Google, има опрема вредна околу 150.000 долари.

Има повеќе причини зошто автономните возила се иднината на автомобилската индустрија.

Најголеми причинители на сообраќајни несреќи се човечките грешки. Алкохол, дрога, пребрзо возење, неискусни возачи, разговарање и пишување пораки на мобилен додека се вози, игнорирање на сообраќајни знаци се најголемите причини за сообраќајни незгоди. Со автономните возила факторот на човечка грешка, ќе биде намален скоро на нула.

Ќе се намали метежот низ улиците, бидејќи автономните возила ќе знаат по која рута да одат, кога да се престројат во друга лента и дали воопшто да се престројат. Пред скоро време излезе видео на YouTube каде возило на Tesla Motors предвиде сообраќајка, го алармираше возачот и закочи пред да се случи незгодата на возилата што беа пред возилото на Tesla Motors.

Меѓу другото, повеќето автономни возила не согоруваат фосилни горива туку работат на струја. На таков начин, ќе се намали и загаденоста на воздухот. Доколку автономните возила работат на фосилни горива, може да дојде и до помало емитување на гасови. Да речеме дека сите возила на автопат се движат со брзина од 80км/ч и сите се движат во една голема група без застанување и тргнување. Емитувањето на гас ќе биде помало и на тој начин ќе има и заштета на гориво и загадувањето ќе биде драстично помало.

Додека се возите со автономно возило, ќе имате време за да работите други работи, како разговори и пишување на смс, да работите на Вашиот лаптоп, да се забавувате со семејството, па дури и да отспиете додека стигнете до саканата дестинација. Наоѓањето на слободно паркинг место повеќе нема да биде проблем. Автономните возила сами ќе наоѓаат локација за паркинг и самите ќе се паркираат.

Лицата со инвалидитет ќе можат да се возат во автономните возила. Дури ќе можете да ги праќате Вашите деца на училиште или пак на тренинг со автономните возила, само треба да ја внесете крајната дестинација и автомобилот ќе ги однесе и да ќе паркира. Ќе можете да ја подесите и дестинацијата каде што ќе треба да се врати возилото и на тој начин Вашето дете само ќе влезе во автомобилот и тој сам ќе го врати назад.

Дубаи направи огромен чекор во светот на јавниот транспорт воведувајќи возила кои се автономни. Проектот, односно стратегијата која што беше лансирана наречена Dubai Autonomous Transportation Strategy, цели да направи промена во дури 25 проценти од целовкупниот транспорт во Дубаи, најдоцна до 2030 година. Шведскиот автомобилски гигант Volvo cars и компанијата Uber, компанија за делење на превоз, ги здружија силите за развој на следанта генерација автономни возила. Елон Маск од Tesla Motors најави нов апдејт за нивните автономни возила со кој ќе може да се патува целосно автономно од Los Angeles до New York и да се паркира возилото на Times Square без помош на возачот.

Иако првиот обид на Apple за производство на автономно возило, проект наречен Titan помина безуспешно, технолошкиот гигант не се откажува од намерата и објавија дека повторно ќе се обидат да произведат автономно возило.

Претходна статијаВрвот на ексцентричноста што го носи името Џон Малкович
Следна статијаСамсунг ги претстави елегантните, моќни и практични Galaxy A модели