Најголемата светска компанија Apple се шпекулираше дека развива целосно свој автономен автомобил на електричен погон, но тие тоа го демантираа пред неколку месеци, кога објавија дека работат само на технологија за автономно возење, базирана на веќе актуелните сензори за детекција и алгоритми со вештачка интелигенција односно „машинско учење“.

Сега можеме и да ѕирнеме во проектот на Apple благодарение на Јин Жоу и Онцел Тузел, кои се дел од истражувачите во врска со вештачка интелигенција и машинско учење во компанијата. Тие своите „трудови“ односно истражувања на темата за автономни возила ги објавија на сајтот на библиотеката на Корнел Универзитетот. Во нив може да се види како тие ја користат вештачката интелигенција за подобра детекција на препреките во околината, со помош на системот наречен VoxelNet.

VoxelNet, како и многу други системи за автономно возење, користи LiDAR метод за „гледање“ на околината, но тој има многу поголема успешност во препознавањето на тоа за какви 3D објекти се работи, односно дали се тоа пешаци, велосипедисти или пак само обични столбчиња покрај патот. Всушност, двајцата истражувачи велат дека нивниот систем е многу, многу подобар од досегашните системи, што би можело да значи и „опасност“ за останатите компании кои работат на автономни возила.

Засега технологијата на Apple е сѐ уште во зачеток и не очекувајте да ја видите во некој модел на автомобил до 2020 – тоа ќе се случи веројатно на почетокот на наредната деценија. Дали нивните напори ќе бидат успешни пак останува да видиме – скоро секоја поголема компанија од светот на технологијата и автомобилизмот забрзано работи на технологии за автономно возење.

Извор: Quartz, The Next Web, Daily Mail

Претходна статијаInstagram овозможи корисниците да побараат приклучување во живо со нивните пријатели
Следна статијаFacebook Messenger доби поддршка за споделување на слики во 4К резолуција