microfish

Конечно сте го започнале заслужениот викенд со прошетка низ природа, по некоја планинска патека. Си шетате низ природата, но одеднаш вашето уживање е прекинато со ужасна болка бидејќи бевте невнимателни и згазивте на змија која ве касна. Нема друго решение – мора да се оди до болница. Сепак, во болницата, место да ви дадат класичен противотров, ви нудат да ви вбризгаат „микрориби“ кои ќе пливаат низ крвотокот и ќе го уништат отровот. Би прифатиле?

Токму на тоа работат научниците од Универзитетот од Калифорнија – Сан Диего. Тие со помош на 3Д печатарска технологија успеаа да пронајдат начин како да печатат роботчиња потенки од човековата коса (но сепак не во нанодимензии), во форма на риби поради кои го имаат земено називот „микрориби“. Овие микрориби се испечатени со помош на нов метод на 3Д печатење наречен континуирано оптичко печатење на микрониво (microscale continuous optical printing; μCOP), со помош на кој може да се додадат разни компоненти на микрорибите за да извршуваат најразлични задачи.

Па така, научниците успеале да сместат наночестички од платина на „опашот“ на микрорибите, па во допир со водород пероксид тие почнуваат да „возат“ налик ракета (што можете да го забележите на горното видео). На другата страна (во „главата“) на микрорибите научниците сместиле магнетизиран железо-оксид со чија помош можат да ги водат низ течност, и тоа со помош на друг магнет преку кој ги привлекуваат. Ова е демонстрирано на видеото подолу.

Дополнително, научниците ги опремиле микрорибите со дополнителни наночестички од полимерот полидијацетилен кој им овозможува да ја променат бојата во црвена во допир со разни отрови, како на пример од пчели, некои пајаци и други слични. Ова го направиле за демонстрација на можноста микрорибите да се користат за борба против отрови и други несакани појави внатре во организмот.

Со оглед на тоа дека нивната големина е многу мала, а во процесот на производство се направени од нештетни материјали, тие би можеле да се користат за борба против отрови, канцерогени материјали, масни наслаги во крвните садови, загадување пренесено од воздухот во вид на тешки метали, лоши материи од храната и така натаму. Навистина доаѓа возбудливо време за медицината и човековото здравје, и продолжувањето на животот до практична безконечност станува се` поможно со секој поминат ден.

Извор: Forbes, The Free Thought Project

Претходна статијаObi Worldphone е нов производител на паметни телефони, од поранешен директор на Apple
Следна статијаButterfleye – домашна камера која ќе се обиде да ви ја заштити приватноста