student-849825_640

Понекогаш, колку и да се трудиме и инвестираме во нешто, работите испаѓаат поинаку од планираното. Некогаш тоа е подобро од планираното, меѓутоа често (можеби и почесто, или барем ние повеќе им обрнуваме внимание на овие ситуации) се случува токму спротивното. Во вакви мигови нашата волја е ставена пред тест и треба да се соочиме со важна одлука: да се продолжи или не? За подобро да го доловам ова, ќе споделам едно мое искуство од кое научив многу.

Во август (2015 година) беше поплавен мојот роден град, поради што морав три месеци да престојувам на друго место, без интернет и останати основни услови за извршување на обврските (како студентските, така и оние вон факултетот). И покрај сето ова, се решив да аплицирам на стартап натпреварот  “Pioneers of the Balkans”, заедно со мојот партнер со кого работевме на идеја во развој. Подготовките беа тешки и имавме само два месеци да ги направиме потребните истражувања (анализа на пазарот, интервјуа со потенцијални корисници и сл.), како и почетен бизнис план и маркетинг стратегија.

pioneers

Иако ги имав добиено највисоките оцени по курсевите за маркетинг и бизнис на мојот факултет, практичната примена на овие знаења се испостави како голем предизвик. Беше тешко, но сепак успеавме да ги завршиме потребните работи во зададените рокови.

Најавено беше дека сите апликанти кои навремено се пријавиле ќе добијат бесплатен тренинг за започнување стартап, како и можност да ја презентираат својата идеја пред жири со краток pitch, за шанса за учество во финалето на натпреварот. На наше големо изненадување, нашата апликација беше отфрлена под нејасни околности. Ова е првиот момент кога требаше да се одлучи дали да се продолжи да се инвестира време во натпреварот, или пак да се прекине. Водени од ставот дека ова е натпревар организиран од странци и дека постојат јасно дефинирани критериуми, нашата одлука беше да продолжиме и да бараме објаснување за дисквалификацијата.

По долги размени на email пораки со поголемиот дел од организаторите, пропратени со многу стрес, се утврди дека дисквалификацијата се должи на грешка во комуникацијата од страна на организаторите. Во ваква ситуација, нормално е да се бара оштета ради изгубеното време и нерви, па ни беше дозволено да ја презентираме нашата идеја пред жирито и покрај дисквалификацијата.

Очекувано, нашата презентација беше далеку од идеална, со оглед на тоа дека времето за подготовка го потрошивме во објаснувања и докажувања со организаторите, па не успеавме да се пласираме во финалето. Ова е вториот момент кога можевме да се откажеме и да си заминеме дома, меѓутоа волјата за реализирање на идејата не натера да размислиме уште малку и да воочиме дека компензацијата која ја добивме не беше доволна. Останатите тимови, покрај тоа што имаа повеќе време за подготовка, ја имаа и бесплатната обука  што веќе ја споменав. Организаторите го согледаа ова и ни ја обезбедија и нам ветената обука (која инаку не беше баш евтина), меѓутоа за жал не можеа ништо друго да направат во врска со изгубеното време и слабата презентација.

dont-give-up-ok

Сега можеби ќе се запрашате зошто тогаш се исплател сиот тој труд? Можеби не се пласиравме во финалето и не освоивме награда на “Pioneers of the Balkans”, меѓутоа добивме бесплатна обука, искуство и солидна основа за нашата идеја. Иако компензацијата можеби не беше најсоодветна, сите овие работи ни помогнаа да спремиме доста поквалитетна презентација за наредниот натпревар за стартапи организиран од British Council, на кој успеавме да освоиме солидна сума на пари.

Поука од сето ова: бидете упорни и оставете да ве води пасијата за она што го правите. Не земајте никогаш ништо здраво за готово и секогаш барајте разумни објаснувања за сите непредвидени ситуации. Меѓутоа, секогаш треба да имате осет и за тоа кои се границите и да разликувате меѓу волја за успех и инает. Умешноста е во тоа да се престане во вистинскиот момент, не со цел да се откажеме, туку попродуктивно да вложиме време и енергија за реализација на идејата на долгорочен план, кој може да е подолг од она што било иницијално предвидено.

Претходна статијаMicrosoft се придружи на Linux фондацијата, Google на .NET фондацијата
Следна статијаВиртуелна верзија на Google Earth ќе ви овозможи да се чувствувате како супермен