vreme-startap

Фидбекот е нешто што секогаш треба да се цени, без оглед дали е позитивен или негативен. Секако, доколку има конструктивна природа, односно доколку намерата е да се направи подобрување. Затоа, уште на почетокот би сакала да им се заблагодарам на сите кои помогнаа за ширење на нашата иницијатива, како и на оние кои ги коментираа моите постови. Пред да продолжиме понатаму, мора да појаснам која е поентата на нашето дружење, за да избегнеме било какви недоразбирања.

Тука нема да читате за тоа како да водите сопствен бизнис. Тука не решаваме државни проблеми. Тука не зборуваме за политика, ниту за твит мудрости. Идејата е сосема нешто друго. Многу мразам преведени статии со совети или кога некој споделува “знаење” за нешто кое реално не го искусил. Мојата цел (како и на оние кои го поддржуваат овој напор) е да го променам овдешниот начин на размислување, да поттикнам понатамошно работење на темата и да дадам совети на што да се внимава во почетокот. Колку и дали ќе успеам, ќе видиме на крајот од серијалот текстови. За тоа ми е потребно вашето мислење :)

#ВремеЕЗаСтартап е обид да се создадат услови за одржување на креативната енергија и конструктивно трошење на време. Обид да се создаде место каде ќе си помогнеме, учејќи едни од други.  И досега не ни оди лошо – дефиниравме што е стартап, а дискутиравме кусо и за тоа каков е процесот за одбирање на вистинската идеја.

Стартап процесот не е едноставен. Има неколку фази и секоја од нив е своја приказна. Јас го давам само воведот. Секој кој поминал низ подоцнежните фази е поканет да го сподели своето искуство со нас. Впрочем, поентата е да се создаде една база на знаење, која ќе можете да си ја употребите кога ќе почнете да работите на сопствен проект. Кога сме кај почнувањето, не постои вистинско време или возраст кога би требало да размислувате или делувате на оваа тема. Сепак, студентите се посебно интересна група, бидејќи имаат неколку предности кои би сакала да ги продискутирам во овој пост.

Се менува прецепцијата за учењето. Зборував и претходно, нашиот образовен процес има сериозен проблем. Не продуцираме луѓе кои се спремни за работа. Уште помалку продуцираме луѓе кои ќе бидат спремни да водат свој бизнис (ќе зборувам за ова подетално во друг пост). Учиме по застарени програми, а и она што е ново, откако ќе се научи не е употребливо, доколку не се применува во пракса. Се заборава. Работењето на свој стартап може да го измени тоа. Ако работите на нешто кое ви значи, ќе почнете да ги гледате работите од поинаков агол. Ќе почне повеќе да ве тангира фактот дека имате недостаток на знаење во одредена област и природно ќе сакате да поминете многу време во истражување како да се подобрите. Ќе откриете многу работи кои не ги ни споменале на факултет, а кои се потребни. Ќе сакате да бидете во тек со најновите практики. Да не се разбереме погрешно, секој кој сака добро да си ја работи работата, ќе се надградува и кога ќе работи за друг. Разликата е во емотивната врска, бидејќи се’ што создаваме и ни припаѓа, добива некоја сентиментална вредност за нас. Затоа напорот и ентузијазмот се на повисоко ниво. Од овие причини, изминатиов период прочитав неколку книги (стручна литература и основи за областите за кои не се надградувам професионално), изгледав многу туторијали, посетив неколку настани. Ништо од ова немаше да направам толку брзо и фокусирано, доколку не работев на свој проект. Ми беа потребни информации и насоки, а немаше извор кој  убаво ги сумира работите на едно место. На Интернет има се’, но дури исфилтрирате што е потребно / применливо, а што не, поминува доста време.

Идеалните случаи се ретки. Во таква ситуација имате доволно голем тим со комплементарни знаења и вештини. Секој си ја добива својата улога и задачи кои треба да ги заврши и средена работа. Проблемот е што во реалноста вообичаено се случува токму спротивното – немате толкав број на луѓе кои се на располагање во почеток. Или пак, ги имате, но не им верувате доволно или немаат знаење во различни области или пак немате пари да ги платите на подолг рок итн.  Најчесто станува збор за мали тимови каде една те иста личност глуми камелеон, играјќи различни улоги во проектот.

ВремеЕЗаСтартап

Јас поминав низ ова изминатиот период.  Потребни беа многу работи. Потребен е квалитет. Потребно е детално истражување и објективен фидбек за тоа што мислат другите за продуктот.  Ако е софтвер, потребнo е да имате сигурен и добро изграден систем. Потребно е да има добра архитектура и добар код кој ќе биде рефакториран,  кој ќе употребува соодветни шаблони за дизајн на софтвер и кој ќе се извршува во оптимално време / меморија.  Потребен е добар дизајн кој ќе ги следи светските трендови (UX, UI, гејмификација),  високо квалитетни и авторски слики и лого во векторска графика. Потребна е прегледност и едноставност – на сите треба да им биде лесно да го употребуваат тоа кое ќе го создадете, од 7 до 77 годишна возраст, 24/7 во неделата. Потребен е добар бизнис и маркетинг план, кој ќе дефинира прецизно кои канали (социјални мрежи, групи, сајтови…) ќе се употребат за промоција, добар content маркетинг и добро дефиниран SEO за да може лесно да ве најдат. Потребна е добра презентација,  која добро ќе се презентира и која ќе има ефект – заинтересирани и задоволни корисници. Собраните податоци ќе сакате да ги искористите за анализа (машинско учење, податочно рударство..), за да знаете со што точно си имате работа. Зошто треба да успее проектот, а за тоа потребно е ROI кој ќе го оживее или движи напред. И потребно е да не заглавите т.е. поминете премногу време во процесот на дефинирање на MVP, зошто инаку ништо од бизнисот. Како во рекламата.

Втората предност за отпочнување стартап во студентските денови е тоа што проектот можете да го искористите во рамки на предмет. Одлична можност, бидејќи истовремено работите и на проект за поени и на проект кој потенцијално би станал вашето идно работно место. Попатно, ќе добиете експертиза од професори,  совети околу имплементацијата и насоки околу самиот проект, бидејќи имаат поголемо искуство и знаење од вашето. Она што е супер е што покрај техничките совети, ќе ви дадат совет и за другите аспекти / делови од проектот. Не се грижете ако ви кажат дека за одредени работи сте преентузијастични или нереални.  Нема да бидете ни први, ни последни. Затоа е добро да ве спуштат на земја и да ви кажат објективно како стојат работите. Како и да е, професорите сигурно нема да ја завршат работата за вас, можат да ги дадат само насоките. Сопственото надградување, преземањето на одговорност и соработката со технолошки паркови (и останати бизнис центри) е неминовна.

Третата предност која ја има студентот е времето. Непроценливо е да можете да дојдете дома и да се посветите на истражување и надградување за она кое вас ве интересира. Приказната е поинаква кога се оди на пракса или работа. Таму има други задолженија и задачи кои ќе чекаат да бидат реализирани. Проектите кои ќе ви ги доделуваат нема да бидат секогаш интересни.

Продолжуваме со #ВремеЕЗаСтартап за неколку дена. Постовите немаат фиксно временско растојание, па затоа потрудете се да бидете во тек со Smartportal.mk. За сите кои ве интересира ова, искористете го времето измеѓу за да истражите подетално за она за кое зборувавме досега. Употребете го #ВремеЕЗаСтартап хештагот за понатамошни размислувања, прашања или совети на оваа тема.

ИИИ уште нешто. Имаме две новости. Првата е дека воведувам речник на зборчиња кои би требало да знаете што значат. За деталите ќе истражувате сами. Втората новост се поените. Споменав дека се собираат поени? Поени добивате секогаш кога ќе дадете свој допринос за иницијативата (лајк, споделување, коментар). Што се добива со поените? Хмм, па не би било интересно ако се’ кажам однапред :)

Ќе објавиме на крајот.

Ве чекам :)

P.S. Доколку не забележавте, во рамки на текстот имате неколку корисни линкови до туторијали, прирачници, совети и книги :)

 

РЕЧНИК НА ЗБОРЧИЊА

SEO (Search Engine Optimization) или оптимизација на алатките за пребарување е процес на подобрување, односно зголемување на сообраќајот (посетеноста) на една веб-страница;

ROI (Return On Investment) е враќање на средствата или корист која се добива од инвестицијата во продуктот (профит);

UI (User Interface) или кориснички посредник е систем со кој луѓето (корисниците) се во интеракција со машината / продуктот. Корисничкиот посредник вклучува компоненти: машинска опрема (физички) и програмска опрема (логички);

UX (User eXperience) е процес на подобрување на задоволството на корисниците преку подобрување на употребливоста , пристапноста и позитивната емоција кои корисникот го има во процесот на интеракција со производот;

MVP (Minimum Viable Product) е продукт кој има доволен, минимален број на функционалности / опции кои овозможуваат тестирање на истиот од корисниците. Особено корисно за понатамошниот развој на производот, бидејќи се овозможува проверка уште пред истиот да се искомплицира.

Гејмификација е процес на примена на елементи и техники на дизајнирање од игрите во non – game контекст (се’ што не е игра).

 

Претходна статијаTesla го претстави Model 3 – Моделот кој треба да го зголеми интересот за електрични возила
Следна статијаMicrosoft го претстави Project Centennial – можност за конвертирање на обичните програми во универзални