paibxfxk0zfmicrqyo72

Дојдовме и до третиот дел на овој водич за купување на телефон. Како што пишав во првиот дел, хаосот од огромната понуда може да ве донесе до парализа од анализа особено кога ќе се спои со фактот што повеќето телефони, луксузните, знаменосците, евтините и останатите во главно си личат едни на други како „јајце на јајце“.

Дизајнот е тој, карактеристиките се тие… квадрат, минималистички црти, огромен екран кој ја покрива целата една површина, две камери (обврзна предна камера за нарцисите меѓу нас), влез за слушалки, Bluetooth, звучник… Ништо посебно.

Токму затоа решивме во овој дел да ви прикажеме неколку специфични телефони кои можеби ќе ви го фатат окцето ако „стандардните“ не ве задоволуваат естетски или едноставно ви немаат душа.

Специфични и интересни

Caterpillar Cat S60

cat-s60-press

Кога претпоставуваме какви ни се типичните читатели кои го посетуваат Смартпортал најчесто ни текнува на луѓе, седнати на работа или по дома и се ѕверат во екранот. Сепак, можеби некои од вас сте сега во Сирија, можеби работите во ЕБР, а можеби ова го читате на пауза од тренинзите за Легијата на странците…

Ако е така, Cat S60 ќе биде телефонот кој ќе ве заинтересира. Суперцврсто тело, добри карактеристики и отпорен на вода, овој телефон ќе ги задоволи потребите на оние на кои фрлање гранати им е како добар ден.

Останатите карактеристики на телефонот не се претерано сјајни:

  • 4,7 инчен екран со 720п резолуција (не колку стандардната 1080п резолуција денес, но со оглед на големината на екранот сосема задоволителни 312 тпи)
  • Qualcomm Snapdragon 617 8952 четиријадрен процесор на 1,5 ГХц
  • 3 ГБ РАМ
  • 32 ГБ внатрешна меморија
  • 3.800 мАч батерија (прилично поголема од вообичаените денешни)
  • 13 МП задна камера
  • инфрацрвена камера (!)
  • 5 МП предна камера
  • до 5 м. потонување во вода и до 2 часа издржливост на таа длабочина

Во основа телефонот е супертежок за оштетување. Впрочем, погледнете го долното видео направено врз неговиот предок, Cat S50 и ќе ви стане јасно дека дури и постојано да ви паѓа или се гребе телефонот, овој ќе преживее и ќе го користите уште долго време.

 UnaPhone Zenith

Screenshot_7

Работите во разузнавачка агенција? Или пак сметате дека приватноста треба да остане само ваша и дека не е ни битно дали „имате нешто да криете“? Тогаш UnaPhone Zenith е телефон за вас. Еден од најбезбедните телефони на денешницата кој е толку затворен поради безбедност што не дозволува ниту да инсталирате нови апликации.

Останатите карактеристики се сосема в ред:

  • 5,5 инчен екран со 1080п резолуција
  • осумјадрен процесор на 2 ГХц
  • 4 ГБ РАМ меморија
  • 32 ГБ внатрешна меморија
  • 13 МП задна камера и 8 МП предна камера
  • батерија од 3.000 мАч

Во телефонот имате прединсталирани апликации кои се одобрени од производителот Elephone кој во соработка со експертите за кодирани пораки Tutanota ви овозможуваат алатки за функционирање. Значи, ќе можете да правите скоро сè што типично правите на телефонот: повици, пораки, друга комуникација, прегледување Интернет, видеа, музика, но нема да можете да инсталирате игри и други програми.

Цена: околу 400 долари во САД.

Ако сте расположени за малку поголема безбедност (и доста поголемо празнење на џебот), можете да го разгледате и Solarin, најбезбедниот телефон на светот (според производителот). Чини околу 12 илјади евра.  Лабаво.

 Xiaomi Mi Max

13177884_568951669959567_8459031176880303979_n

Прво почнавме со екрани од 1 инч и два реда букви. Се префрливме на екрани од 2 инча и неколку реда текст. Па дојдовме на екрани од 3,5 инча и VGA резолуција. Е, потоа дојдовме до 4 инчни, 4,5 инчни, 5 инчни и… сега се наоѓаме кај Xiaomi Mi Max кој има дури 6,44 инчен екран!

Да, се работи за џин од телефон, или поточно, фаблет. Ако имавте проблеми на вашиот 5 инчен телефон време е да си купите ваков интерактивен телевизор за по дома кој можете да го земете со себе.

Покрај тоа телефонот има во себе и огромна батерија – 4.850 мАч, која ќе овозможи користење цели два-три дена. За жал, со толкав екран практично џабе е огромната батерија.

Останатите карактеристики следат:

  • осумјадрен Snapdragon 652
  • 3/4 ГБ РАМ (зависно од верзијата)
  • 64/128 ГБ внатрешна меморија (зависно од верзијата)
  • 16 МП задна камера (!)
  • 5 МП предна камера
  • сензор за отпечатоци
  • друго стандардно за денешните телефони

Вашите пријатели се перчат со нивните „големи“ телефони?! Купете си Mi Max и бапнете им го на маса. Потоа гледајте како срамежливо ги повлекуваат своите, очигледно победени во технолошки-помогнатата верзија од натпреварот „На кој му е поголем“.

Monohm Runcible

madrone

Телефон со карактер. Нешто слично како Fiat Multipla. Кога ќе го извадите на маса нема да престанат заинтересираните погледи и прашања од типот „еј, што е ова?!“. Воедно, телефон чија намена е да ја намали бучавата од Интернетот. Едноставно нема звук или вибрација при пристигнување на нова порака – туку вие мора да се вклучите и да ги проверите истите.

Исто така, нема предна камера, па нема ни самосликање. Супер. Дизајнот му е интересен и во вид на летечка чинија, а останатите карактеристики не се ништо посебни:

  • 2,5 инчен екран со 640х640 резолуција
  • Snapdragon 410 процесор
  • 1 ГБ РАМ
  • 8 ГБ внатрешна меморија
  • 7 МП задна камера
  • делумно модуларен (можете да ги замените некои компоненти)
  • направен од рециклирана пластика од океан или од Мадрон дрво (еколошки „свесен“)

Moxi Group (нема уште име; во најава)

160524115415-china-moxi-bendable-mobile-phone-780x439

Телефон најавен од кинески стартап кој ќе се витка околу раката и да се претвори во паметен часовник. За жал сè уште нема значајни информации околу карактеристиките на телефонот, но изгледа дека на почеток ќе се лансира со црно-бел екран кој потоа ќе биде сменет во таков во боја.

Цената треба да му биде околу 760 долари, а ќе се лансира во ограничен број од 100 илјади парчиња. Останува да видиме дали ќе го види светлото на денот овој интересен дизајн за телефон.

NuAns Neo

nuans-neo-2

Телефон кој работи на Windows Mobile 10, а вклучува прекрасен променлив дизајн. Панелите кои го покриваат можат да се одберат во различен материјал и боја, кои се движат од дрво, пластика, па се до кожа.

Покрај ова можете да си нарачате сопствени 3Д испечатени дизајни, секако со зголемена цена. Внатрешните карактеристики не се за да паднете на земја, но се доволно моќни:

  • 5 инчен екран на 720п резолуција (послаба од денешниот стандард)
  • Snapdragon 617 процесор
  • 2 ГБ РАМ
  • 16 ГБ внатрешна меморија
  • 3.350 мАч батерија
  • 13 МП/5 МП камери
  • останати работи стандардни за телефоните денес

Цената, доколку Kickstarter кампањата успее, ќе му биде околу 400 долари. Сепак, изгледа дека тоа нема да се случи. Штета.


Дојдовме на крајот од овој водич. Ако сте ги пропуштиле, прегледајте ги првиот и вториот дел каде обработуваме луксузни и евтини, но квалитетни телефони. Секако ќе ви помогне во вашата потрага по нов телефон како би можеле да ја пробиете шумата од информации за да стигнете до тоа што ви треба.

Ако имате коментари ве очекуваме подолу на статијата.

Претходна статијаBagel е паметно метро за мерење кое поминува одлично на Kickstarter
Следна статијаФДА одобри ново, целно лекување на рак на мочниот меур со третман од „Рош“