Пред извесно време ми стигна сметка за мобилен телефон. Иако сум нормален корисник, и сметките ми се во редовната претплата од ~1.000 денари месечно (во тандем со татко ми, 1,500 денари месечно), сметката изнесуваше нешто над 6.000 денари. Имено, татко ми уклучил интернет иако интернетот не е дел од пакетот за вториот телефон, односно оној на татко ми. Ќе си речете дека е моја вина нели? Па, фората е што не е битно.

Да објаснам подобро и што да превземете во вакви (и слични) ситуации.

  1. Најпрво, убаво ќе проверите зошто износот на сметката е над вообичаената сума која ја плаќате. Треба да разберете зошто имате повисока сметка. Може да е ваша вина, техничка грешка или слично.
  2. Втор чекор е да проверите дали ви стигнало предупредување од операторот дека имате невообичаен сообраќај, односно го користите телефонот и правите невообичаено висока сметка („невообичаено“ е дефинирано како 2х над просечниот сообраќај кој сте го имале во претходните месеци).

Бидејќи станува збор за еден вид на монопол (во случајот со телефонските оператори, дуополи) истите се подетално регулирани од Државата. Телеком и ВИП се очекува да следат посериозни наметнати правила за заштита на потрошувачите од едноставна причина што потрошувачите немаат избор да променат оператор доколку се незадоволни од услугата. Едно од многуте правила е и дека операторите мора да обезбедат можност на претплатниците за контрола на сообраќајот и трошоците и должни се да ве предупредуват доколку имате невообичаено голем сообраќај.

  1. Доколку не сте добиле предупредување, имате право на Приговор кон операторот во кој може да побарате да ви се рефундира износот доколку е повисок од 2х над просечните сметки што сте ги имале во претходниот период. Во случај да операторот ви го одбие Приговорот (или го игнорира), превземете го следниот чекор …
  2. Поднесете Барање за посредување при спор до Агенцијата за електронски комуникации. АЕК ќе се обиде да посредува и да помогне да се реши спорот. Во мојот случај, Телеком не сакаше да прифати посредување по што АЕК го решија самите случајот и го задолжија операторот да ми ги рефундира трошоците над 2х над просечните сметки.

Тоа е тоа. Едноставна е постапката. Познавајте ги и користете си ги правата како потрошувачи. Не се случајно регулирани дуополи – имаат топ пазарна позиција, но сепак мора да ги почитуваат потрошувачите. Ако не пазарна и/или доброволна, тогаш ќе бидат предмет на државна дисциплина.

Претходна статијаNokia најави претставување на нов телефон за утре, 21 август
Следна статијаАмериканските власти бараат од Facebook пристап до шифрираните разговори во Messenger