Пред една година, кога започнавме иновативен проект со колега, покрај другите проблеми се судривме и со овој: што ако некој ни ја украде идејата? До скоро, ретко кој во Македонија дискутираше на оваа тема, но тоа се измени. Последнава година го имаме првиот паметен громобран, паметно капаче за камиони, па и паметни влошки кои произведуваат електрична енергија. Иновацијата веќе не ни е толку непознат поим на нашето поднебје (за ова подетално во некој друг пост). Оттука и заштитата на делото станува актуелна тема.

Со желба да се заштитиме, бар ние така мислевме, идејата ја дискутиравме само ние двајца.  Стануваше збор за апликација наменета за студенти, па инволвиравме и двајца професори. Покрај нив и нашите блиски знаеја на што работиме. Друг никој не знаеше што имаме на ум. Непосредно во тој период научивме дека постојат неколку начини за заштита:

  • Зачувавме снимка и печатена верзија на YouTube, Google Drive и Dropbox. Секој од овие сервиси овозможува хостирање на вашата идеја. Се прикажува на кој датум и во кое време е прикачен документот и ова е особено корисно.
  • Покрај овој чекор, се одлучивме да платиме и за депонирање на идеја. Депонирањето можете да го направите во било која агенција за интелектуална сопственост или адвокатска канцеларија. Ова подразбира дека постои физичка копија од вашиот документ која се чува во сеф. Иако не е доволно силна заштита како на пример патентирање, сепак е слично со претходната варијанта. Се чува физичка копија каде стои датумот и времето, но покрај ова стои и матичен број на поднесителот. И секако да не заборавиме, позади целата работа стои правно тело.

Тое е што се однесува на заштитата. Исходот од нашето искуство беше дека е подобро да се диксутира со што е можно повеќе луѓе. Доколку не ги инволвирате корисниците во вистинското време т.е. креирање на продуктот, правите клучна грешка. Токму заради ова, се сомневавме дека нема да бидеме доволно импресивни кога ја презентиравме нашата идеја пред жири, на натпревар во Белград.

Да резимираме: споделувајте ги вашите идеи со што е можно повеќе луѓе. Бидете претпазливи, но генерално, никој не е заинтересиран да ја украде токму вашата идеја. Колку повеќе луѓе знаат, толку поголем фидбек, поправки и нови потенцијални насоки во кои може да се развие проектот.

Претходна статијаWizz Air ја објави новата рута од Скопје до Будимпешта
Следна статијаКако да проверите дали вашата Yahoo сметка е една од пробиените и целосно да ја избришете