Веќе пишувавме за QLED технологијата, со желба да забуните кои можат да настанат при избор на нов телевизор ги намалиме. Samsung е еден од најголемите производители на пазарот, па се обидовме да едноставно ја објасниме нивната QLED технологија која е главна за нив изминатите години.

Најдобро се носи одлука кога се имаат што повеќе информации за технологиите, односно кога што повеќе се има разбирање за значењето на достапните технологии, нивните предности и слабости.

Во денешната статија ќе се обидеме да направиме разлика помеѓу двете моментално најголеми технологии кога се во прашање телевизорите, а и од маркетинг аспект тие намерно имаат и слично име, па не ретко доаѓа до забуна. Тука говориме за QLED и OLED технологиите, па во продолжение ќе се обидеме да ги објасниме нивните карактеристики, разлики, предности и слабости.

Да почнеме со главната разлика помеѓу овие две технологии, а да, се работи за целосно различни технологии, иако имињата некогаш знаат да направат забуна за спротивното. QLED во основа е LED панел, којшто работи на заднинско осветлување кое доаѓа од LED слој. OLED од друга страна нема дополнително осветлување, па пикселите независно еден од друг емитуваат сопствена светлина, при довод на електрична енергија, а јачината зависи се разбира од количината на енергија која ќе биде пуштена.

Оваа разлика помеѓу двете технологии веднаш истакнува неколку разлики, од која првата е и најпозната. Темните, односно црните бои. Иако QLED успева да овозможи одличен контраст и со секоја наредна генерација тоа е се повеќе очигледно, сепак OLED моментално нема конкуренција кога се во прашање црните бои.

Тоа доаѓа од начинот на којшто функционира OLED технологија. Кога е потребно да се прикаже црна боја, пикселите на тој дел од екранот се гасат, па нема друго нешто што може пореално да ги претстави тие нијанси.

Оваа разлика сепак доаѓа до израз најмногу кога условите за тоа се погодени. Поточно, при гледање во прилично затемнета просторија, најдобро може да се видат темните нијанси на сликата, меѓутоа прашањето се поставува дали корисниците најчесто гледаат во такви услови.

QLED доаѓа до израз кога е потребна светлина, максимално реални бои, што според многу овозможува најреална слика. OLED има ограничување кога е во прашање светлината, па доколку гледате во не целосно затемнета просторија, QLED сигурно ќе ви привлече повеќе внимание со дупло поголемата светлина на екранот, како и целосниот спектар на бои.

Поради тоа што OLED панелот ја прикажува светлината од самите диоди, значи нема потреба од дополнителен извор на светлина, овој панел овозможува и подобри агли за гледање, односно може да се задржи квалитетот на сликата дури и кога се гледа од страна.

Од друга страна пак, OLED технологијата е повеќе подложна за таканаречениот image burn, односно останување на остатоци од слика на дел од екранот. Ова се случува во екстремни ситуации, доколку истата слика стои на екранот повеќе часови, па можеби и повеќе од еден ден.

QLED технологијата поради начинот на функционирање, нема ризик од вакво нешто, па корисниците можат да бидат мирни дека телевизорот можат да го остават вклучен колку време сакаат, на било која содржина.

На крајот, доколку прашате, добро, која од овие две технологии е подобра и препорачувате да ја купиме при наредното купување на телевизор?

На ова прашање нема конкретен одговор. Затоа и се обидовме да ги истакнеме разликите, па зависно од тоа што ви е поважно, таа технологија да ја изберете. Доколку најчесто гледате во темна просторија и сакате црните бои да бидат најдобро што може истакнати, тогаш за вас е OLED технологијата.

Сепак, доколку често гледате и во посветла просторија, сакате значително посилна светлина на екранот, како и многу посилни и истакнати бои, тогаш за вас е QLED технологијата.

Претходна статијаДали „зависноста од Netflix“ станува вистински психолошки проблем?
Следна статијаКрипто 101: „стабилни“ коини
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.