smartphone-mobile-security

Последниве неколку месеци имав можност да тестирам дузина уреди, од кои повеќето беа паметни телефони. Секако, со цел подлабока анализа, секогаш се поврзувам со сопствена Google сметка, како што правиме сите ние кога ќе купиме нов паметен телефон. Кога ќе завршам со тестирање на уредот, му правам „фабричко ресетирање“, односно популарниот “Factory Reset” на англиски. Но, дали ова значи дека моите податоци се потоа безбедни?

Поради начинот на кој податоците се запишуваат во меморијата на телефонот и потоа се бришат, секако дека не. Имено, постојат многу компјутерски програми, како на пример “Easeus Data Recovery”, кои овозможуваат да ги вратите податоците на дискот откако ќе го избришете. Тоа е така бидејќи оперативниот систем не ги брише вистински податоците, туку местото на дискот на кое се наоѓале, го одбележува како празно.

На пример, доколку избришете фотографија од вашиот паметен телефон, Android / Windows 10 Mobile / iOS само го одбележуваат местото на дискот каде се наоѓала како празно, со цел тоа да може да биде искористено за запишување други податоци. Потоа, кога ќе сликнете нова фотографија, таа ќе биде ставена врз старата, односно на местото каде се наоѓале други податоци претходно. И ова важи за апсолутно сите типови на дискови!

Затоа, кога правите фабричко ресетирање на вашиот телефон, вие не ги бришете вистински податоците, односно само го обележувате дискот како празен и подготвен за впишување нови податоци. Со Easeus програмот спомнат погоре, потоа можете буквално да ги вратите скоро сите фотографии и видеа кои сте ги „избришале“ со ресетирањето. Или пак да ги врати некој што го купил телефонот од вас и да ја загрози вашата приватност.

Еве неколку лесни чекори со кои ќе го избегнете тоа:

Енкрипција на телефонот (вградена во Android, Windows 10 Mobile, iOS)
Енкрипција на датотеките во вашиот телефон е работа која е препорачливо да ја користите дури и ако не мислите да го препродавате. На овој начин  ќе бидете многу посигурни и од интернет напади. Енкрипција е инаку своевидно „мешање“ на битовите на дискот до буквално непрепознатливи размери. Вашиот телефон ќе може да ги прочита овие податоци благодарение на специјален „клуч“, кој измешаните информации знае да ги стави во „ред“ и вас да ви ги прикаже како датотека.

Ќе земам повторно пример со фотографија – на енкриптиран диск битовите од фотографијата ќе бидат целосно измешани и само софтверот на вашиот телефон ќе може да ги „прочита“ за да ви ја прикаже. Ако некој со сопствена сметка се поврзе на вашиот телефон после продажбата (или кражбата/губењето), за неговиот софтвер овие податоци ќе бидат целосно непрепознатливи.

Енкрипцијата на дискот во Android 5.0 или пониско, обично се наоѓа во “Settings > Security > Encrypt phone”, кај Windows 10 Mobile во “Settings > System > Device Encryption”, додека на iPhone во “Settings > Touch ID & Passcode”. Кај iPhone треба да одберете заштита со отпечаток на прст или пасворд, додека кај Android и Windows 10 Mobile има само едно копче кое треба да се активира за да имате енкрипција (може дополнително да ставите заштита со лозинка, отпечаток на прст кај Android или ирис на окото кај Windows 10 Mobile кај телефоните што поддржуваат).

Кај Android Marshmallow 6.0 пак енкрипцијата кај скоро сите паметни телефони е активирана уште во старт, но добро е да проверите во поставките да видите дали тоа е навистина така.

Препишување на дискот со други датотеки
Енкрипцијата денес е толку многу напредна, што дури и на FBI и е тешко да ја пробие (но не и невозможно), но за да бидете целосно сигурни, откако ќе го ресетирате телефонот, наполнете го дискот повторно со датотеки . Ова може лесно да го направите со снимање на едно долго видео, се додека не се наполни цела меморија. Слободно свртете го телефонот со камерата надолу – видеото не мора да содржи ништо на него. Важно е само да го наполните дискот со други информации, кои ќе ги избришат старите.

Ова може да го направите неколку пати – снимете долго видео, избришете и потоа снимете уште еднаш… Се додека не бидете сигурни дека секој бит на дискот е запишан со новите видео датотеки и нема останати информации од пред ресетирањето.

Ваквиот начин на заштита може да функционира и без да сте имале претходно енкрипција на телефонот, но доколку сте параноични можете да ги направите и двата чекори. Само тогаш ќе бидете 100% сигурни дека нема да видите некоја ваша фотографија објавена од друг на интернет.

Фото: BGR

Претходна статијаHere One се паметни слушалки кои ја мешаат музиката со надворешниот свет
Следна статијаRoam-e е селфи дрон кој ве следи каде и да одите