Кога расправаме на тема фантастични филмови не мислам само на квалитетни и добри, туку и на филмови во областа фантастика и НФ. Тука постојат стотици филмови кои се навистина квалитетни, така што во овој прв дел ќе обработиме само некои од нив.

Инаку, се работи за филмови кои вовеле свежа и инспиративна идеја, а воедно импресионирале и од технички аспект. Да почнеме.

1. Соларис (оригиналниот од 1972 г. и преработката од 2002 г.)

Кога би сакале да изгледате т.н. психолошки трилер сместен во НФ околина, Соларис е филмот. Работен по книгата „Соларис“ на еден од најпознатите писатели на научна фантастика, Станислав Лем, и двата филма се обидуваат да ја доловат уметничката бавност и страдање во книгата. Секако, додека русите т.е. познатиот режисер Андреј Тарковски има(ат) природна наклонетост кон бавен и детален наратив, американската верзија е неизбежно холивудски „забрзана“.

Како и да е, филмот ги одразува ефектите на вселенска изолација кои придонесуваат до напредни психички проблеми и несовршеноста на човековата комуникација, особено кон други видови. Наша препорака.

2. Контакт (1997)

Филм кој ја покажува надежта на човештвото дека било кога ќе пронајде и исконтактира со друг вселенски вид. Направен по книга на еден друг врвен писател на НФ, Карл Саган, накратко се работи за порака испратена од вонземски вид кој е откриена од астроном на Земјата (Џоди Фостер).

По краткотрајната драматичност и толкување на пораката (скриена во видео од Хитлер), човечката цивилизација одбира да го изгради уредот кој ќе овозможи пат. За жал, првиот пат не успева, а за сите останати освен астрономот, и вториот пат не успева. Од друга страна нејзиното субјективно искуство е далеку поразлично него како што изгледа на површина.

Време е за гледање на класичен НФ филм со одлична приказна, квалитетна глума и техничка позадина, режиран од Роберт Земецкис.

3. Inception (2010)

Не секоја НФ мора да се базира на тврда научна идеја – понекогаш концептот е толку добар што овозможува да се истера цела приказна. Таков пример е филмот Inception (во режија на Кристофер Нолан). Филмот е дефинитивно феноменален, и тоа не само поради тоа што во него глуми врвниот Леонардо ДиКаприо.

Главното прашање кое ќе си го поставувате во текот на целиот филм е „дали е ова можно?!“. Не можам да кажам со сигурност дека е или не е бидејќи е многу тешко да се докаже, но во филмот изгледа толку уверливо и уникатно што ве тера да бидете залепени зад екранот сите 2 часа и 28 минути колку што трае.

Драма, фантастика, емоција со помалку технички аспекти на остварување – Inception е еден од врвните филмови на 21-виот век. Комбинирајте го сето тоа со првокласната тематска музика од познатиот Ханс Цимер, и навистина ќе се чувствувате среќни што сте живи денес и можете да го изгледате ова врвно уметничко дело.

4. Меѓуѕвезден (Interstellar; 2014)

Повторно Кристофер Нолан. Режисер кој може во едно да ги искомбинира усовршените холивудски техники на расказ и транзиција во приказната, и уметничката нарација и фотографија обично својствена за европскиот и рускиот филм.

Слично како кај „Контакт“, се работи за човековата желба да опстане и се придружи во семејството на вселенските цивилизации. Во исто време ги обработува длабоките лични приказни на главните улоги, херојството и тежината на раздвојувањето, како и некои интересни релативистички ефекти на различното поминување на времето под дејство на гравитацијата и брзината на патување.

И – погодете што – повторно, Ханс Цимер како композитор. Добитна комбинација која ќе ви раскаже една поинаква приказна за човештвото и желбата да се дознае што има таму горе.

5. Matrix (1999)

Секако, кога веќе расправаме за револуционерни филмови не може, а да не се спомне Matrix. Филм кој ја здрма идејата за реалност кај многу луѓе кои го гледале. Што ако навистина сме дел од виртуелна реалност? Како да излеземе? Може ли тоа да се докаже? Тоа се прашањата кои ќе си ги поставувате после гледање на овој феноменален филм.

Иако од денешна перспектива изгледа помалку застарено, не постои филм кој може да се гледа како да е направен пред два дена. За 1999 г. Matrix предизвика револуција во филмовите и го лансираше Киану Ривс во кремот на Холивуд. Одличната музика само додава на одличното чувство дека гледате нешто навистина уникатно.

Дали ќе го земете црвеното апче?

(Мал совет: не ги гледајте двете следни продолженија.)

Ова е крајот на Дел 1 од најдобрите фантастични филмови кои морате да ги изгледате, а ќе одиме со повеќе умоотворачки дела во следните делови.

Дали ви се допадна изборот? Кажете ни во коментар подолу.

Претходна статијаBQ ќе го претстави првиот Ubuntu таблет кој ќе може да се користи како десктоп
Следна статијаYouTube воведе можност за континуирано повторување на видеата