maxresdefault

Ultra HD резолуцијата или популарно наречената 4K, се повеќе и повеќе го зазема местото на Full HD. Како и претходно, телефоните се меѓу првите уреди кои се префрлаат на поголемите резолуции, иако се најмали (во споредба со лаптопите на пример). Сепак, големиот скок на 4K кај телефоните значи и многу пократко траење на батеријата и влошени перформанси, па затоа засега има само еден таков уред на пазарот – Sony Xperia Z5 Premium.

Проблемот кај телефонот од високата класа на јапонскиот гигант е што дисплејот е навистина 4K, со резолуција од 3840х2160 пиксели, но освен видеата и сликите, се што гледате на него се прикажува во Full HD резолуција од 1920х1080 пиксели и потоа се зголемува на цел екран.

Ова значи дека целиот оперативен систем, со сите менија и икони, не ги искористува можностите на екранот. Sony го има направено овој потег бидејќи самиот чип вграден во смартфонот (Snapdragon 810) не е подготвен за да се справи со толку многу пиксели, а и драматично се намалува траењето на батеријата.

На помош доаѓа нов софтвер од Когакуин универзитетот во Јапонија и Fujitsu, кој ќе овозможи целосно 4K рендерирано видео и слика (како на пример движењето низ оперативниот систем), без намалување на перформансите. Во превод, овој софтвер има посебни алгоритми кои со иста потрошувачка на енергија како при Full HD резолуција, ќе овозможат 4K резолуција.

Згора на тоа, софтверот овозможува стабилни 30 слики во секунда, што значи дека нема да почувствувате сецкање низ оперативниот систем, а креаторите ветуваат и софтвер кој ќе овозможи дури 60 слики во секунда.

Вака, телефоните како Z5 Premium ќе можат целосно да ги искористат пикселите на дисплејот, односно се што ќе гледате на него ќе биде со максимална резолуција, без да се намалат перформансите и да се намали траењето на батеријата.

Сето ова делува навистина интересно на хартија, но ќе треба да почекаме да го видиме во акција – се надеваме кај некој од новите популарни смартфони од високите класи, кои сигурно ќе го следат примерот на Z5 Premium и ќе се нудат со вградени 4K дисплеи.

Извор: CNET, Wirefly, Android Headlines

Претходна статијаВидете ги радио брановите околу вас со оваа апликација за проширена реалност
Следна статијаLenovo и Razer ги здружуваат силите за производство на нови гејминг компјутери