Со цел да се заштитат авторските права и да се регистрира сопственоста на одредена фотографија, најосновен начин е оставањето на таканаречениот воден печат (watermark). Ваквиот начин до неодамна се сметаше за ултимативно заштитно сретство, меѓутоа очигледно Гугл има поинакви планови.

Имено, тимот истражувачи од компанијата разви начин за автоматско и брзо отстранување на ваквите печати од најпопуларните компании кои продаваат таканаречени „Сток“ фотографии. И до сега, отстранувањето на водените печати не беше невозможно, меѓутоа бараше неколку часовна напорна работа во програм од типот на „Фотошоп“ или едноставно плаќање за да се користи одредена фотографија.

Досегашните алатки наменети за оваа цел успеваа делумно и со голема човечка асистенција да ја завршат работата, меѓутоа, новиот софтвер на Гугл се чини дека нема потреба од било чива асистенција, под услов да има на располагање за анализа голем број на фотографии обележени на истиот начин.

Значи, принципот по кој софтверот функционира, е примарна анализа на голем број фотографии кои се обележани од  страна на истиот провајдер, се додека не успее да ја открие шемата по која обележувањето е направено. Откако софтверот ќе препознае што всушност е водениот печат на фотографијата, пристапува кон негово отстранување. Единствениот проблем е тоа што софтверот може да работи само доколку има на располагање доволно количество на фотографии кои се обележени на истиот начин.

Секако, главната цел на Гугл не е злоупотреба на трудот и сопственоста на фотографиите, туку напротив, понудија решение кое ги надмудрува способностите на софтверот. Имено, доколку водениот печат е минимално видоизменет на доволен број фотографии, самиот софтвер не е во состојба да го отстрани комплетно и без оставање на забележливи траги.

Извор: The Verge, Gizmodo

Претходна статијаИнтервју со Томислав Рицов – 10 години Weekend Media Festival
Следна статијаПрепознавањето на лицето кај iPhone 8 ќе трае милионити дел од секундата