„Вештачката Интелигенција“ е дефинитивно на прагот да го револуционизира светот на компјутерите и воопшто нашите животи. Доказ за тоа е што најголемите светски компании веќе работат на неа. Иако Apple беше тивок за развојот на свои системи за вештачка интелигенција, тие сега ги објавија своите први истражувања на оваа тематика, поврзани со полесно учење на компјутерите.

Имено, компјутерите со вештачка интелигенција имаат алгоритми кои буквално треба да се тренираат, односно да учат од околината. На пример, систем со вештачка интелигенција за автономни возила, може да ги научи сите видови на препреки наоколу и да знае да го распознае светот – на пример дрво, пешак, знак, семафор итн. Ова е многу тешко да се направи со фотографии, бидејќи во тој случај секој дел на фотографијата треба да биде одбележан, за да може компјутерот да го научи.

Има и друг начин да се тренираат компјутерите – со игри, односно со компјутерски генерирана графика. На овој начин, се што е нацртано е веќе одбележано и учењето на компјутерот може да биде многу побрзо. Сепак, елементите тука неретко се разликуваат од реалните и компјутерот потоа знае да појави грешки при препознавање на истите предмети во реалниот свет.

Решението на Apple е систем со симулирано учење без супервизија, во кој реалноста на симулираната фотографија е зголемена. Ова е постигнато благодарение на користење на две неуро-мрежи со вештачка интелигенција, кои на некој начин се натпреваруваат меѓу себе. На овој начин, компјутерите можат многу полесно да направат симулирани слики, кои се многу блиски до реалните.

Првиот научен журнал за вештачка интелигенција од Apple е одлична вест за целата индустрија. Претходно, само другите компании, како Google, IBM и Microsoft објавуваа свои истражувања за вештачката интелигенција, додека Apple беше прилично тивок. Ова наиде на многу негативни коментари за Apple, со објаснување дека со тоа тие го забавуваат развојот на вештачката интелигенција поради затвореноста на нивните истражувања.

Всушност, со ова и самите тие загубија на некој начин, бидејќи најголемите светски таленти во овој сектор избраа да работат за конкуренцијата, која изгледаше како да е повеќе инвестирана во вештачката интелигенција, токму поради отвореноста на своите истражувања.

Извор: Forbes, CNET, Engadget

Претходна статијаLineageOS ќе го продолжи животот на згаснатиот CyanogenMod
Следна статијаTCL наскоро ќе лансира нови BlackBerry смартфони