Една од најбараните карактеристики на фотоапарат, односно објектив за фотоапарат, е можноста да ја „исфрли“ позадината од сликата, односно да ја замати. Ова се постигнува кога објективот има побрза, односно поширока бленда и повисока фокална должина, односно „повеќе зум“.

Веќе подолго време креаторите на софтвер се обидуваат да направат алгоритам кој ќе може да ги имитира ваквите карактеристики и со преработка на вашиот компјутер, но ниту еден не можеше целосно да замени добро стакло ставено пред вашиот апарат.

Имено, истражувачи од Универзитетите во Калифорнија и Санта Барбара и компанијата Nvidia успеаја да направат алгоритам кој лесно може да ја исфрли позадината од сликата (на пример при портрет, позади субјектот) преку компјутерско зумирање на фотографијата.

За таа цел, фотографот треба да фотографира повеќе слики со иста фокална должина, но притоа благо да се доближува до субјектот. Да, ова не е идеално – брзо стакло ја заматува позадината само со една фотографија, но како и да е, можноста да квалитетно се исфрли позадината со евтина камера од смартфон е многу ветувачка.

Убавината на ова решение е што длабочината на полето фотографот може да ја промени откако ќе ја сликне фотографијата, во софтверот. Во некои случаи, преголемото исфрлување на позадината не функционира најдобро (на пример ако позадината е убава) и затоа е добро кога фотографот има избор.

Од друга страна, останува да видиме како ова решение ќе функционира со ситните детали – досега многу производители на смартфони вградија вакви решенија во нивните уреди и тие не се особено успешни во деловите каде има влакна или други ситни детали.

Извор: The Verge, WCCFTech, DPReview

Претходна статијаIBM собра дури 201 гигабајт во лента со површина од само 6 квадратни сантиметри
Следна статијаMicrosoft ја освежува Windows Console со нови бои