Можевме да прочитаме неколку пред неколку денови, а вчера беше и официјално потврдено. Microsoft ќе овозможи поддршка за таканаречените програми со командна линија како кориснички интерфејс, односно конзоли како Bash (CMD или PowerShell на Windows) да работат директно во Windows 10.

Bash е позната ваква програма која работи на OS X и на Linux, па затоа овозможувањето на истата на Windows е голема новост претставена на првиот ден од Build 2016. Се работи за функционирање на истата верзија од Linux на Windows, а не за развој на програмата за Windows оперативниот систем.

Оваа можност не значи дека корисниците ќе можат да вклучат целосна Linux дистрибуција, како што кажуваа дел од неофицијални информации. Поддршката, барем за сега, е ограничена на работа со одредени програми, во овој случај конзоли, но според некои информации ова би требало да овозможи и многу повеќе можности.

Како е направена поддршката за Linux програми да работат на Windows 10 ?

Она што најчесто се поставува како прашање е дали се работи за едноставно овозможување на програмите преку виртуелна машина или нешто слично. Одговорот е не.

За овозможувањето на Bash во Windows 10, Microsoft во соработка со Canonical, има развиено посебен подсистем наречен “Windows Subsystem for Linux” (WSL) којшто ги вклучува истите, Ubuntu во овој случај, бинарни датотеки кои се користат во оперативниот систем.

Можеби најдобрата споредба би била со таканаречните „мостови“ кои Microsoft ги развива за овозможување на лесно пренесување на апликациите од iOS, порано и Android, win32 апликации и слично.

Зошто е важно овозможувањето на Bash на Windows 10 ?

Оваа нова можност е направена за програмерите, што значи дека за обичните корисниците нема да значи ништо, барем не директно. Програмерите работат со кодови, а голем дел од нивната работа може многу полесно и побрзо да биде завршена преку некоја од конзолите.

За жал, Microsoft никогаш не успеа да овозможи програма којашто ќе биде доволно добра и функционална, а со тоа и популарна кај програмерите, како што е случајот со програмите достапни на Linux.

Затоа за оваа можност може да се каже дека е еден вид на обид на Microsoft да ги мотивира програмерите да го користат Windows, односно да им ја олесни работата на тие кој го користат, да не мора да бараат разни програми или да подигаат виртуелни машини со Linux.

Што точно значи оваа можност и како е направена најдобро можете да видите од следното видео во коешто објаснување овозможуваат директно вклучените програмери во проектот.

Извор: ZDNet, ArsTechnica, Scott Hanselman

Претходна статијаNASA успеа да сними експлозија на супернова
Следна статијаGalaxy A9 Pro е 6 инчен смартфон со масивна батерија од 5.000 mAh и 4 GB рам меморија
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.