Android е убедливо најпопуларен оперативен систем за смартфоните и таблетите, но и натаму преголем дел од уредите со овој оперативен систем се на престара верзија и не се доволно безбедни за корисниците. Всушност, според последни истражувања, повеќе од половина од активните Android уреди се со две години стар или постар оперативен систем.

Ова е особено голем проблем бидејќи бројот на активни уреди со Android надмина две милијарди оваа година, што во превод значи дека една милијарда уреди се со постара верзија на оперативниот систем, која не само што не добива нови надградби со нови функционалности, туку не добива ниту безбедносни надградби.

Позагрижувачко во целото истражување на Дан Луу е што префрлувањето на понови верзии на Android оперативниот систем е се побавно, што според Google требаше да се промени со Android Nougat и Android Oreo, односно Project Treble. Наместо тоа, во светот сѐ уште има уреди со „прастари“ оперативни системи како Android Gingerbread и Android Ice Cream Sandwich.

Напорите на Google да им овозможи на сите пропизводители инсталација на понови верзии на Android сепак се чини не се доволни – со чест на неколку исклучоци, веќе три месеци по лансирањето, Android Oreo имаат само неколку смартфони од високата класа, дури и ново лансирани, што секако не е задоволително за водечкиот мобилен оперативен систем.

Извор: ZDNet, ExtremeTech, Dan Luu

Претходна статијаГерманските возови од иднината ќе имаат дигитални вагони со играчки конзоли
Следна статијаСТЕМ Академија – прво Microsoft училиште во Македонија