Како и што неколку пати најавивме, Microsoft претстави нова верзија на Windows 10, која нема да се вика Cloud (бидејќи реално нема ништо со Cloud, освен поддршката за OneDrive која е иста како кај класичниот Windows), туку само ќе ја има додавката S. Идејата со оваа верзија е да им се овозможи на студентите да добијат Windows лаптоп за помали средства, кој ќе понуди високо ниво на безбедност, стабилност, брзина и подолго траење на батеријата.

Windows 10 S според тоа ќе биде директен конкурент на Chrome OS на Google, кој и покрај ограничувањата, достигнува особено голем успех во секторот на едукацијата. Затоа, Microsoft се обидел да копира многу од карактеристиките на конкурентот од Google – лаптопите со Windows 10 S ќе се стартуваат за само 15 секунди, побрзо ќе се будат од Sleep и генерално ќе работат помазно од стандардната 10-ка на послаб хардвер. Благодарение на тоа и на фактот што производителите на лаптопи нема да мора да плаќаат за овој софтвер, лаптопите со Windows 10 S ќе чинат од 189 долари нагоре.

Сепак, за многу корисници ова е прилично ограничен оперативен систем, бидејќи на него може да се инсталираат апликации само од Store. Да, пазарот за апликации на Windows 10 е побогат отколку кога беше лансиран овој оперативен систем, но и натаму многу корисници на Windows користат програми кои ги симнуваат од интернет и кои не се достапни во продавницата. Според Microsoft пак, 10 S ќе овозможи многу подобра заштита на корисниците, бидејќи секоја апликација е претходно проверена.

Како бонус за сите оние кои ќе купат лаптоп со Windows 10 S, Microsoft дава едногодишна претплата за Minecraft: Education Edition и Office 365 for Education со Microsoft Teams. Доколку и ова не е доволно, истите лаптопи ќе можат да се надградат на стандарден Windows 10 Pro, нормално со доплата.

Извор: Windows Blog, Microsoft, GHacks, TechnoBuffalo

Претходна статијаLG претстави масивен 4K монитор од 42,5 инчи, кој е сон на секој „мултитаскинг“ компјутерџија
Следна статијаПротекоа сите спецификации за супер моќниот HTC U 11