Apple планира во текот на наредната година да започне со спроведување во дело на планот „Martzipan“ (Марципан) со кој ќе се унифицираат апликациите за сите нивни оперативни системи. Тоа ќе значи дека истата верзија на апликацијата ќе може да се користи на iPhone, iPad или лаптоп или десктоп компјутер со MacOS. Информацијата ја пренесува популарниот магазин Bloomberg.

Планот се уште не е официјално обелоденет од компанијата, а се очекува да биде претставен најрано во јуни 2018. За ваквиот  чекор постојат мноштво логички објаснувања. Примарно, од технички аспект, нема да има потреба од правење повеќе верзии на една иста апликација. Понатаму, одржувањето на различните верзии ќе стане минато.

Од друга страна и корисниците ќе имаат бенефит, со тоа што нема да мораат да се привикнуваат на различна верзија од истата апликација само поради тоа што користат друг уред. Истото важи и за унапредувањето на апликациите, односно унапредените  верзии ќе бидат веднаш достапни на сите уреди.

Вакво нешто се обиде да направи Microsoft меѓутоа во главно неуспешно поради малата популарност на нивната мобилна платформа. Како и да е, можноста за правење на универзални апликации на Windows 10 е достапна, па сите програмери може да ја користат.

Можеби Apple ќе има повеќе среќа со овој проект, сепак оперативните системи од компанијата немаат проблем со популарност и поддршка од програмерите.

Извори: TheNextWeb, VentureBeat, Bloomberg

Претходна статијаНаскоро ќе може да се купи стан во Дубаи… со биткоин
Следна статијаОчекувањата за свитливиот Galaxy X „уништени“ по информација од Samsung