(Ретките) корисници на Windows 10 Mobile паметните телефони, уживаат привилегија на постојани надградби на оперативниот систем и покрај тоа што нивните телефони се неколку години стари. Сега тие можат да ја инсталираат и Anniversary Update надградбата, која донесува неколку нови функционалности и зголемена стабилност.

Надградбата ќе се изврши во наредниве неколку денови, но сите што имате Windows 10 Mobile телефон, можете да проверите во “Settings>Update & Security>Phone Update>Check for Updates” дали е таа достапна уште отсега и за вас. Надградбата е 943 MB во големина, што значи дека ова ќе мора да го направите на Wi-Fi мрежа. Надградбата ќе ве донесе до Build 14393.67, која беше пуштена за Insider корисниците уште пред неколку недели.

Оваа надградба вклучува неколку добредојдени промени, како на пример драматично подобрена Skype апликација, која набрзо ќе може да се користи и за испраќање SMS пораки од вашиот компјутер преку телефонот. На заклучениот екран Microsoft сега има ставено и контроли за музиката, како и краток пат до камерата за оние модели на телефони кои немаат копче за камерата.

Покрај овие поголеми подобрувања, промени има и кај живите плочки на почетниот екран, кои сега ќе се освежуваат одеднаш (веројатно за продолжување на траењето на батеријата) а истите ќе можат да прикажуваат нови беџови/бројки или нови слики во позадината, независно едно од друго (досега секое освежување ги менуваше и двете).

Промени нормално има и во Cortana, која ќе биде многу поспособна, особено за пребарување низ вашите Office 365 документи или пак за навигација – таа целосно може да се погрижи за да ви даде гласовни команди за неа и дури и да ги префрли мапите и дирекциите на друг уред со Windows 10 Mobile – досега тоа не беше возможно.

Оваа надградба ќе донесе и неколку козметички подобрувања на веќе модерниот Windows 10 интерфејс – иконите во нотификациите ќе бидат помали и ќе има неколку други помали промени кои ќе направат целиот оперативен систем да изгледа подобро. На крај, подобрен ќе биде и Microsoft Edge прелистувачот, кој е подобрен во многу аспекти, особено во функционалноста, но и во компатибилноста со нови веб технологии.

Извор: Windows Central, The Verge, PCWorld, MS Power User

Претходна статијаПрозорско стакло од МИТ може инстантно да стане непроѕирно и обратно
Следна статијаHuawei P9 ја доби наградата „Европски кориснички паметен телефон за 2016-17“ на годинешните EISA Awards