Минатиот месец Skype го претстави досега својот најголем редизајн, менувајќи го значително корисничкото искуство на кое досега беа научени корисниците. Со овој редизајн апликацијата се тргна од досегашниот препознатлив стил и отиде во правец на конкурирање на Facebook Messenger, Snapchat и слични.

Апликацијата, покрај променетиот изглед кој може да се каже дека сепак добро изгледа, воведе можност за објавување на Highlights, полесно вклучување на камерата, реакции на пораките и слични веќе видени функции кај конкурентите.

Покрај тоа, одредени работи беа тргнати од апликацијата, па очекувани беа големиот број на негативни реакции од корисниците.

Обично не се сложуваме со корисниците кои веднаш ги критикуваат новите верзии од апликациите, меѓутоа во овој случај мора да се сложиме. Главната причина поради која го користиме Skype беа токму неговиот стил и функции кои не отидоа во правецот на конкурентите. Промената направи да стариот Skype остане само за бизнис корисниците, а тоа изгледа ќе остане така.

Сепак, од компанијата истакнуваат дека ги слушаат критиките од корисниците и дека тие ќе работат на враќање на одредени работи кои тие ги сметаат за важни. Па така, од наредната надградба на Skype за Android и iOS, корисниците може да ги очекуваат следните функции:

  • Се враќа прикажувањето на статусот на контактите, односно дали тие се онлајн или не
  • Можноста за споделување на содржина од други апликации (не ни е јасно зошто оваа можност беше тргната) во Skype исто така ќе биде вратена
  • Ќе бидат додадени повеќе теми и бои
  • Подобрување на корисничкиот интерфејс за подобрување на читливоста на пораките, како навигацијата низ самата апликација

Веруваме дека од компанијата ја имаат увидено грешката на одредени промени, па најкористените функции сигурно ќе бидат дел од новата апликација. Сепак, не очекувајте дека ќе биде вратен стариот изглед, сепак вакви драстични промени не се прават без претходно истражување, па од компанијата немаше да го воведат доколку немале одредена причина.

Новиот Skype моментално е достапен само на Android и iOS, меѓутоа во месеците што следат истиот редизајн ќе биде пуштен и на десктоп верзиите.

Извор: Skype, ZDNet

Претходна статијаGalaxy C10 ќе биде првиот смартфон на Samsung со двојна камера
Следна статијаПотврдено: iPhone 8 дефинитивно ќе има супер мала рамка?
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.