whatsappcomplete2

После подолг период на тестирање на одредени платформи и помал број на корисници, WhatsApp од вчера автоматски ги енкриптира, односно шифрира пораките, повиците, видеата, сликите, фајловите и аудио пораките.

Ова значи дека комуникацијата помеѓу корисниците, без разлика дали се работи за двајца или повеќе, е заштитена со посебни клучеви достапни само на уредите од корисниците. Целата комуникација е недостапна за било кој друг, а тоа важи и за WhatsApp.

Воведувањето на енкрипција стана актуелно по откритијата дека можеби најголемата закана за приватноста на корисниците не доаѓа од хакерите и криминалните групи, туку од властите кои испадна дека прават се за да можат да пристапат до комуникацијата на населението. Овие активности се правдаат со потребата за справување со криминал и тероризам, меѓутоа се поставува прашањето кој ја одредува границата на тоа кој треба да биде следен, а кој не со цел заштита од тероризам.

Енкрипцијата може да се каже дека стана и еден вид на маркетинг потег на компаниите, кои го засилуваат своето пазарно учество со една ваква важна функција.

Дебатата за тоа дали компаниите кои нудат сервиси не треба да ја имаат можноста за пристап до податоците на корисниците е голема, а најголем противник на тоа се властите.

Дали сервисите кои имаат енкрипција нудат навистина високо ниво на заштита на приватноста е прашање коешто исто така не може лесно да биде одговорено. Не е мал бројот на луѓе кои нема да веруваат дека WhatsApp, кои се во сопственост на Facebook, ќе нема никаква можност за пристап до разговорите на корисниците.

Инаку, комуникацијата во WhatsApp е енкриптирана автоматски, односно нема можност да не биде. Корисниците не треба да вклучат ништо, се што треба е да се осигураат дека ја користат најновата верзија од апликацијата достапна на скоро сите платформи.

При испраќање на порака со некој корисник, нагласено ќе биде дека комуникацијата е шифрирана или доколку другиот корисник не ја користи најновата верзија од апликацијата, ќе биде нагласено дека не може да се оствари комуникација.

Корисниците може да проверат дали комуникацијата е заштитена со влегување во профилот на корисникот со којшто разговараат, па во делот encryption каде што е достапна шифра, како и бар код, со чија споредба може да се потврди енкрипцијата.

За енкрипција на комуникацијата е користен протоколот развиен од страна на Open Whisper Systems кој е со отворен код и може да биде целосно ревидиран.

Извор: WhatsApp, The Verge, VB

Претходна статијаVivaldi прелистувачот излезе од бета – достапна првата официјална верзија
Следна статијаP9 и P9 Plus се новите знаменосци на Huawei со две задни Leica камери и моќен Kirin 955 чип
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.