Независно дали се радувате на секоја новина од страна на гигантот Google, или сте од оние кои сметаат дека приватноста одамна е само фиктивен израз во светот на интернетот, не можете да останете „слепи“ пред постојаните напори кои Google ги вложува за зголемување на својата функционалност (и пристапот до лични информации).

Најновата гласина за оваа корпорација ни доаѓа од Android Police, портал задолжен за се’ што се случува во светот на Android уредите. Според нив, секогаш кога ќе спомнете настан во некоја од апликациите на Google (Gmail, Hangouts), или ќе објавите ваш став за некој настан на Google+, ќе ви биде понудена можност настанот да биде внесен во Google Calendar.

Како би изгледало во пракса според Android Police

Момците од порталот со голема сигурност тврдат дека оваа можност ќе стане достапна за сите корисници на Android уреди и тоа благодарение на код кој стана достапен по најновото ажурирање на Google Search апликацијата, која моментално е во својата 3.3 верзија. Она што се’ уште не е јасно е кои други апликации, покрај Gmail, Hangouts и SMS апликациите, би можеле да бидат вклучени како потенцијална „мета“ за настани што би биле внесени во Google Calendar.

Доколку имате проблем со планирање на вашето време и често заборавате важни настани во вашиот живот, дефинитивно би профитирале од ваквата можност, уште моментот кога истата ќе стане реалност. Но истовремено, имајте на ум дека ништо не е бесплатно, па така очекувајте и Google да профитира со тоа што ќе добие уште повеќе информации за тоа каде сте и со кого сте, што отвора дополнителен простор за разни промотивни понуди кои не секогаш ќе ви се допаднат.

Останува во блиска иднина да видиме дали Android Police и овојпат добро си ја завршиле својата работа и ни претставиле новина за која допрва ќе се коментира и дебатира.

Претходна статијаНабрзо до безжична електрична енергија со WiTricity
Следна статијаPizza Hut претстави концепт на маса со екран на допир