Веројатно најпопуларната игра на светот во моментов е Minecraft. Нејзината популарност се должи на многу фактори, но еден од главните е тоа што е достапна на скоро сите платформи на кои е можно да играте некоја игра.

Сепак, сите верзии го имаа додадено името на конзолата или платформата за која се наменети, што правеше забуна кај корисниците, кои не беа сигурни дали верзиите за различните платформи се подеднакви.

Сега, Minecraft веќе нема да го има името на платформата покрај насловот на играта. Ова се однесува на верзиите за Windows 10, iOS, Android, Xbox One и Nintendo Switch, но интересно не и PlayStation 4.

Ова не треба само да ја намали забуната меѓу корисниците, туку и да овозможи играње меѓу различни платформи. Поточно, ова значи дека ќе можете да играте „мултиплеер“ сеанси со корисници кои играат на различна платформа од таа на која играте вие, дури и ако некој од играчите игра во VR (виртуелна реалност).

Покрај тоа што Minecraft станува унифициран, донесува и неколку други подобрувања, како на пример подобрена графика со подобри сенки и детали, како и подобра 4K поддршка, а преку самата игра ќе бидат достапни и четири нови сервери за онлајн играње: Lifeboat, Mineplex, InPVP и Cubecraft, на кои корисниците ќе може да се логираат преку специјален сервер прелистувач.

Извор: TechCrunch, Polygon

Претходна статијаXbox One X vs. PlayStation 4 Pro – споредба на спецификациите на двете најпопуларни конзоли
Следна статијаПрезентирани три старт-ап бизниси од Акцелераторската програма на ЦЕЕД Хаб Скопје