world-of-content

Google не успеа да направи некој посебен успех до сега со своите производи за забава, како што ги нарекуваат, но тоа не значи дека ќе престане да развива нови решенија. На вчерашниот ден од нивната I/O конференција тие го претставија Android TV. За разлика од претходните обиди кои што вклучуваа и хардвер од нивна страна, овој пат Google одат со за нив веќе испробаниот и успешен модел. Android TV е платформа која што производителите на телевизори, set-top уреди и слично, ќе можат да ја имплементираат и со тоа им понудат на своите корисници паметно решение за гледање на содржина.

Android TV е платформа направена на основа на најновата верзија од овој оперативен систем, моментално наречена Android L. Со тоа разбирливо има пристап до голем број на апликации кои што според Google многу едноставно може да бидат прилагодени за прикажување на големите екрани од телевизорите. Концептот на една апликација која што ќе работи на повеќе уреди е една од главните новости кои што беа претставени на вчерашниот ден од I/O конференцијата. Корисниците на Android TV покрај можноста за гледање на видео и аудио содржина од Play продавницата и од апликации како Netflix, ќе имаат можност да играат игри, да ја прикажуваат содржината од нивните мобилни и таблет компјутери, како и да ги гледаат обичните телевизиски канали.

Корисничкиот интерфејс на Android TV е очекувано направен во стилот на карти што го користи Google на нивните платформи. Картите се направени во новиот дизајн стил, односно со Material Design претставен со новата верзија од оперативниот систем. За навигација покрај тоа што можат да се користи далечинскиот управувач кој што доаѓа со телевизорот, може да се користи и било кој друг Android уред, а исто така системот може да се контролира преку гласовни команди. Гласовните команди работат на истиот начин како Google Now, па корисниците ќе можат да пребаруваат повеќе работи, а не само работи поврзани со гледањето на телевизија.

Со цел да обезбеди најдобро корисничко искуство што може, Google на партнерите кои што ќе го имплементираат Android TV во своите производи, ќе им постави одредени минимални хардверски барања. Па така, за да може некој да го постави Android TV на својот производ тој ќе треба да вклучува 2GB RAM, 8GB flash меморија за складирање, WiFi и/или Ethernet и Bluetooth.

Android TV ќе биде достапен почнувајќи од оваа есен, заедно со достапноста на Android L. Google е веќе во преговори со повеќе производители за претставување на производи кои ќе работат со нивната платформа, како што се Sony и Sharp.

Претходна статијаAndroid L, наредната верзија од оперативниот систем претставена на Google I/O
Следна статијаAndroid Auto, најкористениот оперативен систем сега во вашиот автомобил
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.