Windows Console, односно местото каде вистинските познавачи на Windows и дивелоперите ги пишуваат командите, не е променета уште од своето создавање пред 20 години. Поточно, не е променет нејзиниот дизајн, кој има само основни бои кои не изгледаат баш најдобро на денешните LCD дисплеи, а споредено со старите CRT екрани.

Microsoft се одлучи конечно да го промени ова во новата Insider надградба 16257. Старите бои се заменети со „помодерни“ бои кои изгледаат подобро на новите дисплеи со поголем контраст. И навистина, од она што може да се види на скриншотовите, Windows Console ќе биде многу попријатно место за работа, кое помалку ќе ги заморува очите.

Засега оваа промена е достапна само за Insider корисниците кои ќе направат чиста инсталација на Windows 10 16257 верзијата. Поточно, оние кои ќе надградат на оваа верзија нема да ги видат промените. Како и да е, очекувам Microsoft брзо да им овозможи на сите корисници да гледаат поубави бои во Windows Console, бидејќи промената на боите и не е некоја супер голема надградба.

Според најавите, Microsoft не само што ќе ги промени боите, туку и ќе им овозможи на корисниците сами да изберат од неколку различни палети на бои, што е интересен избор за прилично стерилен програм каков што е Windows Console.

Извор: The Verge, ARS Technica, Windows Developer Blog

Претходна статијаНов алгоритам овозможува менување на длабочината на полето софтверски
Следна статијаFacebook Stories доаѓаат и на десктоп иако скоро никој не ги користи на мобилен