hp-elite-x3-dock

Последниве неколку месеци се изначитав статии и анализи од најразлични светски веб сајтови за технологија дека Windows Phone, односно Windows 10 Mobile е мртов. Дека од тој момент Microsoft целосно ќе се фокусира на се останато, само не на мобилната платформа. Неодамна и претседателот на Microsoft France најави во интервју дека Microsoft ќе се сконцентрира само на бизнис корисниците, но не и на обичните корисници, што е уште еден удар за платформата (и хардкор Windows Phone фановите).

Нема многу да навлегувам во мислењата на други индивидуалци, но тие анализи беа прилично избрзани. Прво, немаше многу информации зошто Microsoft би се одлучил на тоа, односно главна информација која придонесе за тие мислења беше падот на учеството на платформата на светскиот пазар на паметни телефони под 1%.

Windows 10 Mobile има одличен кориснички интерфејс
Како човек кој често сака да испробува најразлични софтверски платформи, моментално сум токму на Windows 10 Mobile со Lumia 930. Да, искуството треба да биде многу подобро, но можам да го поминам денот и да ги направам истите работи како и корисниците на iOS и Android, односно истите работи што претходно сум ги правел на тие две платформи.

windows-10-mobile-tiles-10149

Сепак, навистина се ретки луѓето кои користат Windows телефони и за тоа има неколку причини. Прво, мора да нагласам, причината не е самиот оперативен систем и неговиот кориснички интерфејс. Напротив, многу работи кои беа претставени со Windows Phone 7, сега ги преземаат останатите компании, а особено минималистичкиот дизајн, додека почетниот екран на Windows 10 Mobile е и натаму непобедлив во корисноста и информативноста.

Едноставно, благодарение на живите плочки, со него можам најдобро и најбрзо да се информирам за сите новитети од технологијата и потоа да ги пренесам вам. Лично, сѐ уште не сум нашол подобро решение за брзо информирање за новитетите од скоро секоја сфера која ја следам, било дали се работи за спорт, технологија или автомобилизам.

Microsoft премногу често ја менуваше стратегијата
Од лансирањето на првиот iPhone, па се до минатата година, Microsoft немаше јасна стратегија за својот оперативен систем. Кога Apple го претстави револуционерниот iPhone, тие буквално се потсмеваа, мислејќи дека античкиот Windows Mobile 6.5 може да му конкурира, што сите знаеме дека беше огромна грешка. Од друга страна, Google забрзано работеше на конкурент, за брзо потоа да го лансираат Android, оперативен систем кој денес има најмногу корисници во сферата на технологијата.

tilt2_420-100397705-orig

Оваа прва грешка на Microsoft според мене беше и најголема. Да имаат тогаш спремен квалитетен мобилен оперативен систем, наменет за уреди со дисплеј на допир, сигурно ќе добиеја повеќе корисници од Google. Да не заборавиме, Google тогаш беше познат само по пребарувачот и својот мејл клиент Gmail, додека Microsoft беше во секој дом во светот со Windows. Нормално, секој што користи Windows компјутер без размислување би избрал и Windows телефон.

Одговорот дојде многу подоцна од тоа што требаше и иако Windows Phone 7 беше напреден, не беше очекуван. Microsoft се одлучи на целосно нов кориснички интерфејс со живи плочки на почетниот екран, кога корисниците сѐ уште работеа на Windows 7 на своите компјутери, кој имаше стандарден кориснички интерфејс. Корисниците не го прифатија, но за тоа има и друга причина – Microsoft не се потруди особено многу да го промовира, бидејќи нивниот главен бизнис и натаму беше десктоп оперативниот систем и сите сервиси кои доаѓаат со него.

Потоа беше лансиран Windows Phone 8, кој според мене беше најквалитетниот обид на Microsoft да влезе на сцената и кој донесе вистински резултати. Настрана матните зделки со купувањето на Nokia, во годините на WP8 платформата доби моментум и почна да расте во продажните резултати. Секако, тие не можеа преку ноќ да направат бум, но резултатите ветуваа и многу аналитичари во тоа време најавија дека до 2020 година, Windows Phone би го надминал iOS на светско ниво. Од друга страна пак, во ова време Microsoft имаше најголем пад на профитите, особено што преголем дел од парите се одлеваа на Windows Phone (најмногу преку купувањето на Nokia) а тој не носеше инстант резултати.

Windows 10 Mobile како дел од поголемото Windows 10 семејство
Со доаѓањето на Сатја Надела, промени дефинитивно мораше да се донесат. Наместо одлевање на големи средства во развој на нови телефони и софтвер за нив (Nokia тогаш сѐ уште беше под капата на Microsoft), новото раководство одлучи дека тие ќе продолжат со Windows 10 Mobile, но како дел од универзална платформа, која ќе работи ама апсолутно на сите паметни уреди.

Проблемот со драматичниот пад на учеството на светскиот пазар и воопшто на продажбата на Windows 10 Mobile уредите не е воопшто во новата стратегија. Иако е многу различна од претходната, оваа стратегија на Microsoft ќе му овозможи контрола на мноштво уреди, што на подолг рок може да се покаже како одлично решение.

windows_product_family_9-30-event

Од друга страна, Microsoft дефинитивно го забави развојот на Windows 10 Mobile и воопшто во производството на телефони со тој оперативен систем. Всушност, Nokia и подоцна Microsoft уредите имаа убедливо најголем дел од колачот на Windows телефони, па со престанокот на нивното производство нормално беше да падне продажбата на телефони. Всушност, како и претходно, бројот на останатите производители со Windows телефон беше многу мал и тоа се одрази на продажните резултати на целата платформа.

Навистина, не треба премногу да се анализира за да се дојде до тој заклучок. На пазарот скоро и да нема Windows 10 Mobile телефони и затоа тие и не се продаваат. Да продолжеше Microsoft со претходната стратегија, односно одделот на Nokia да продолжеше со развој на нови телефони, тие и натаму ќе имаа учество на пазарот.

Иднината на Windows 10 Mobile не е толку темна како што мислат сите
Многумина од вас кој го читате овој текст, веројатно седите пред Windows компјутер. Во Европа и кај нас, тоа е платформата која најчесто ја бираат корисниците доколку сакаат нов компјутер. Така било, така е и така и ќе биде во догледна иднина. Но, и покрај тоа што Windows е одличен оперативен систем за бизнисите, многу компании се одлучуваат на други оперативни системи и платформи за своите компјутерски системи, како на пример Linux. Бизнис сферата има целосно други потреби, кои не мора да значи дека ќе бидат задоволени со популарните платформи.

Истото би можело да се случи и со нашите паметни телефони. Android и iOS се апсолутно доминантни на пазарот, но тоа не мора да значи и дека ќе бидат идеални за бизнисите. Повторно ќе спомнам, бизнис светот има целосно други потреби. А тие потреби сѐ уште не можат да ги задоволат iOS и Android, бидејќи се насочени главно кон обичниот корисник. На сцената тука доаѓа Windows 10 Mobile, кој ако веруваме на најновите информации, ќе биде насочен исклучиво кон бизнис корисниците, поточно како втор, службен телефон на луѓето од компаниите наменет за извршување на работните обврски.

Набрзо следуваат промени – паметните телефони ќе мора да прават многу повеќе наредниве неколку години
Паметните телефони денес заменија скоро се што правевме на компјутерите порано, но сѐ уште има неколку работи кои допрва треба да се развиваат. Како пример тука ќе го дадам Continuum за Windows 10 Mobile, кој овозможува да го користите телефонот како десктоп компјутер со Windows 10, со скоро сите функционалности.

NexDock-Windows-10-Mobile-Continuum

Во блиска иднина, за да го задржат силното учество на пазарот, вакво нешто ќе мора да направат и конкурентите, бидејќи ако гледаме реално, кој не би сакал да носи целосно способен компјутер во својот џеб? Светот се движи во насока на мобилност и компјутер кој би можеле да го носите со себе има прилично многу смисла, нели? Додека денес производителите се фалат со камерата во својот телефон, во наредниве неколку години тие ќе се фалат со можностите за работење на телефонот. Промени дефинитивно ќе има.

Токму тука лежи и шансата на платформата на Microsoft. Не, Windows 10 Mobile не мора да има толку големо учество на сцената, но доколку стигне до корисниците кои немаат проблем да платат повеќе за софтвер кој би го користеле за работа, поточно, кхм, бизнис корисниците, тогаш Microsoft би можел да биде исклучително среќен.

Навистина, доколку досега бизнис корисниците требаше да платат преку 1.000 евра за Photoshop на својот компјутер, набрзо би можеле да платат исто толку за тој моќен софтвер да го имаат на својот преносен уред кој може да работи и како целосен компјутер. На овој начин, се прошируваат можностите за развој на нов софтвер, нешто што ќе ги направи дивелоперите особено среќни.

Surface Phone? Дефинитивно го очекувам наредната година
Microsoft направи прилично голем бум со својата Surface серија на таблет/лаптопи, иако како што беше случајот со iPhone и Windows Mobile 6.5, тука останатите му се потсмеваа на Microsoft. Денес таблет/лаптопите или „2 во 1“ се единствениот тип на уреди кои имаат поголем раст на продажбата – дури и паметните телефони стагнираат. Apple и Google дефинитивно не требаше да се смеат.

surface-phone-1-100577980-large

Многу е нормално Microsoft да се обиде да профитира на успехот на Surface серијата со нов паметен телефон и тоа дефинитивно очекувам да се случи. Сепак, ова сигурно ќе биде различен телефон од се што сме виделе досега и очекувам дека ќе биде вистински Windows 10 компјутер кој може да се стави во џебот на корисникот.

Surface Phone сепак скоро сигурно нема да биде наменет за обичниот корисник, но ниту Surface таблетите никогаш не беа наменети за обичниот корисник, нели? Иако денес има многу такви корисници кои го купиле или аспирираат да го купат овој таблет/лаптоп, тој е првенствено направен за корисниците кои ќе работат на него. Доколку и телефонот се покаже како успешен за бизнис корисниците, очекувам во наредните неколку години со секоја наредна генерација се повеќе и повеќе да навлегува во сферата на обичниот корисник, иако пред сѐ ќе биде наменет за бизнис корисниците.

Windows 10 Mobile не е мртва платформа
Според сето тоа погоре, апсолутно не мислам дека Windows 10 Mobile е мртва платформа. Ова не значи дека треба да собирате пари за нов Windows телефон наредната година – купете си iPhone или Android, бидејќи во моментов тие се двете најздрави платформи за паметни телефони. За да користите Windows телефон навистина треба да бидете истраен корисник. И да, барем наредниве две до три години не очекувам мобилната платформа на Microsoft да се исправи на нозе и да може да им конкурира на iOS и Android. Всушност и прилично сигурен сум во тоа.

Сепак, во наредниве пет години паметните телефони ќе еволуираат и според сѐ, ми се чини дека токму Microsoft ќе ја почне таа еволуција. Напредното мислење всушност тие и веќе ни го најавија со Surface линијата, HoloLens и истражувањата во вештачката интелигенција, но особено со универзалната платформа, бидејќи иднината нема да може да истрпи компјутер за дома, компјутер за работа итн. Во иднина, компјутерите ќе ги носиме со себе, а прв кој ни дава воопшто да помирисаме од таа иднина е токму Microsoft.

Претходна статијаFacebook воведе енкриптирани пораки за сите корисници на Messenger
Следна статијаSamsung ја купи Viv – компанијата основана од креаторите на Siri