Еден од најголемите проблеми со „асистентите“ во нашите телефони е тоа што премногу често не разбираат што ги прашуваме. Било дали се работи за Google Now, за Siri или Cortana, разговорот не тече како што би течел со човек, иако софтверските гиганти сакаат да поверуваме дека е така во нивните реклами.

Microsoft, кој е особено сериозен во развојот на дигиталните асистенти и вештачката интелигенција, објави дека има нова технологија на распознавање на говор која ќе ја употреби во Cortana. Според нив, оваа технологија ќе овозможи зборување со дигиталните асистенти исто како да се луѓе, бидејќи тие лесно ќе го распознаваат секој разговор. Системот ги поминал сите тестови и завршил со помалку од 5,9% грешки во препознавањето на зборови, што е исклучително добар процент.

06-research-team-20161013-lowres

Според Хари Шум, директорот за Вештачка Интелигенција и Групата за Истражување во Microsoft, кога почнале да работат на Cortana пред 5 години, тој не можел ни да замисли дека ќе стигнат до овие можности денес.

Подобрувањето на препознавањето на разговор кај дигиталните асистенти е веројатно и најважната работа за луѓето повеќе да ги користат. На пример, јас Cortana денес ја користам за да ја прашам за времето надвор и за да ми постави аларм, но не за многу повеќе, токму поради тоа што се случува да не ме разбере и не би сакал да се навраќам да ги кажувам истите работи. Истиот случај е и кај другите дигитални асистенти.

Со подоброто распознавање на разговор луѓето би можеле многу „помазно“ и со помалку фрустрации да ги користат овие решенија. Останува да видиме како овие подобрувања на Cortana ќе се реализираат во пракса – засега нема најава за тоа кога можеме да ги пробаме ние корисниците.

Извор: Windows Central, Telegraph, Tech Republic

Претходна статијаHP Z2 Mini е мал но супер моќен компјутер со Intel Xeon чип
Следна статијаТелефоните на BLU праќале ваши пораки и контакти во Кина