Apple последниве неколку години беше некако отсутен на сцената на виртуелната и проширената реалност. Да, за iOS беа достапни неколку апликации кои го овозможуваа тоа, но „амин“ од производителот за овие технологии немаше, односно тие не беа воопшто спомнувани при претставувањето на нов iPhone или iPad.

Ова би требало да се смени со новиот iPhone 8, кој ќе има специјална камера која ќе овозможи квалитетна проширена реалност.

За да добиете претстава што е проширена реалност, доволно е да ја погледнете супер популарната игра Pokemon Go, во која во вашата околина може да гледате 3D дигитални објекти. Технологијата која ќе се вградува во iPhone 8 сепак ќе биде многу понапредна – таа ќе користи таканаречен “vertical-cavity surface-emitting laser” ласер, кој ќе може да го гледа просторот во 3D, односно точно да процени колкава длабочина има и каде некои предмети се наоѓаат во него. Како ова ќе биде искористено во iPhone 8 останува на дивелоперите – Apple веќе го направи достапен ARKit за iOS 11.

Интересно, iPhone 8 најверојатно ќе има и предна камера со 3D сензор, која ќе овозможи подобро распознавање на лицето и полесно отклучување на телефонот со помош на него. Исто така, овие сензори ќе можат да се искористат и за побрз автофокус на камерите, дел во кој iPhone досега заостануваше зад главната конкуренција, а особено зад Samsung.

Сите овие информации за напредни технологии во iPhone 8 се придружени и со такви кои велат дека технологијата за проширена реалност во iPhone 8 сѐ уште не е спремна и дека ќе треба да помине некое време по лансирањето и неколку софтверски надградби за да биде целосно активирана. Ова најверојатно ќе важи и за неколку други нови технологии, како на пример безжичното полнење. Јас пак би рекол да почекаме на официјалното претставување.

Извор: MacRumors, BGR, Business Insider

Претходна статијаHyperloop One го направи првото успешно тест возење со брзина од 110 km/h
Следна статијаРСБСП: Неколку совети како да се препознае и да се надмине заморот