Pocophone или само POCO е нов бренд од познатиот Xiaomi којшто ќе настапува специјално во Индија, но ќе биде достапен и за други пазари после одреден период. Овој бренд од Xiaomi го доби првиот смартфон наречен POCO F1.

Овој смартфон, со исклучок на неколку карактеристики, е смартфон од највисоката класа, а ќе се продава по почетна цена од 300 долари. Ова е телефон којшто дополнително ќе направи притисок на конкурентите, иако тие може да се каже дека сепак имаат што дополнително да понудат, меѓутоа прашањето е дали значително повисоката цена може да се оправда.

Како и да е, F1 е смартфон со 6,18 инчен екран со Full HD резолуција и формат со сооднос од 18,7:9. На горниот дел од екранот присутен е веќе познатиот исечок, покрај кој сепак се поставени одредени рамки од страните на екранот. Како што нагласивме, иако повеќето карактеристики на овој уред се од највисоката класа, сепак има делови во кои се гледа пониската цена.

Процесорот на којшто работи POCO F1 е моментално најдобриот од Qualcomm, Snapdragon 845, а достапни се три варијанти за рам меморија и простор за податоци, односно 6 GB + 64 GB, 6 GB + 128 GB и 8 GB + 256 GB. Цената на телефонот соодветно ќе изнесува од 300 до 414 долари, а достапна е и верзија со Кевлар на задната страна со најсилните спецификации и ќе чини 429 долари.

POCO F1 има двојна задна камера со комбинација од 12 и 5 мегапиксели, а предната селфи камера има сензор со 20 мегапиксели, одлично за неизбежните во денешно време селфи слики.

Батеријата на F1 е исто така одлична со капацитет од 4.000 mAh, а со екранот со нешто „пониска“ резолуција од конкурентите од највисоката класа, овој уред може да се очекува да извади и нешто подолго време подалеку од полначот.

Телефонот инаку е изработен од пластика, како и со старата трета генерација од Gorilla Glass, што е уште еден од тие делови кои ја покажуваат пониската цена.

Според нас, ова е уред којшто ќе се натпреварува во средната и средно високата класа, зошто корисниците коишто се спремни да платат повеќе за својот смартфон, сепак ги очекуваат и некои од додатните „ситници“ кои се достапни кај конкурентите.

ИЗВОРXiaomi
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаСуверениот Саудиски фонд ќе инвестира во конкурент на Tesla оставајќи потенцијални проблеми за Елон Маск?
Следна статијаФилмови што добро стареат: Колатерал (2004)
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.