GSMArena

Mi Mix серијата од Xiaomi слободно може да ја издвоиме од останатите уреди од оваа компанија. Со оваа серија, Xiaomi беше првиот производител, пред сите други, кој претстави смартфон без рамки околу екранот. Кога кажуваме без рамки, мислиме буквално без рамки, не со малку рамки на едната страна, не со исечок на горната страна.

Кога беше првпат претставен, Mi Mix го привлече вниманието на сите љубители на смартфони, но и технологија генерално. Едноставно дотогаш телефон без рамки можевме само да се надеваме дека ќе видиме некогаш во иднина.

Mi Mix 2S е надоградба на втората генерација од овој смартфон, односно на Mi Mix 2. Самото име на уредот исто така покажува дека не се работи за целосно нов модел, туку модел којшто ќе додаде на веќе започнатата работа на претходникот.

Тоа значи дека изгледот на уредот е задржан, меѓутоа тоа воопшто не е нешто негативно или проблем. Mi Mix серијата има одличен дизајн уште од својата прва генерација, па тешко дека наскоро ќе се успее да се надмине.

Ќерамичката изработка на задниот дел останува да му додава дополнителна уникатност на Mi Mix 2S, заедно со алуминиумската рамка и закривениот екран со големина од 5,99 инчи.

5,99 инчниот екран поради немањето рамки околу него, го прави овој уред пријатен за држење и со една рака. Доаѓа со резолуција од 2160 на 1440 пиксели и е изработен во IPS технологија.

На предната страна и покрај немањето рамки, сместена е камера од 5 мегапиксели. Сепак, главното внимание кај овој телефон е задната камера која од овој модел станува двојна, а со тоа и способна за многу повеќе и поедноставно направени ефект со сликите. Двете камери се со по 12 мегапиксели, од кои една е широкоаголна и доаѓа со f1,8 апертура, а другата е телефото камера за подобро зумирање и апертура од f2.4. Леќите се од Sony, па соодветно може да се очекува и квалитетот од оваа компанија.

Mi Mix 2S доаѓа со најновата генерација од чипсетот од Qualcomm, Snapdragon 845. Работи на најновата верзија од Android, Oreo 8.0, како и на MIUI 9.5. Капацитетот на батеријата изнесува 3.400 mAh, а оваа година вклучува и поддршка за безжично и брзо полнење.

Она што недостасува кај овој телефон е приклучокот за слушалки, а се истакнува и недостатокот на водоотпорност и прашина, што не сум сигурен на колку луѓе тоа им прави некоја сериозна разлика.

Цената на Mi Mix 2S зависи од RAM меморијата и просторот за складирање, па ќе бидат достапни следните варијанти:

  • 6GB RAM со 64GB простор – околу 500 долари
  • 6GB RAM со 128GB простор – околу 580 долари
  • 8GB RAM со 256 простор – околу 640 долари

Одличен модел којшто како и претходните ќе се продава и во нашата земја, па ќе имаме шанса да го видиме и пробаме.

ИЗВОРGSMArena
ИЗВОР 2Business Wire
Претходна статијаКај маркетерите доминираат Интернет рекламите. Какви се прогнозите за иднината?
Следна статијаMicrosoft Edge достапен за таблет компјутерите
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.