Изгледа дека конечно го гледаме крајот на исечоците, дупките, но и на интересните системи кои ја прикажуваат камерата преку механизам. Мене лично никогаш не ми се допаднаа исечоците, иако ефектот на поголем екран којшто го прават е реално видлив, но изгледа е прашање на навика, а никогаш не купив таков телефон.

Крајот на исечоците доаѓа поради тоа што конечно се најавува технологија која се прашувавме кога ќе дојде, а тоа е технологијата која овозможува поставување на селфи камерата под екранот без истата да се гледа или да пречи во прикажувањето на содржината.

Први со најава дека ја имаат развиено потребната технологија се кинезите, односно две компании од оваа земја. Прво со најава излегоа Oppo, по што веднаш „одговори“ и Xiaomi.

Oppo прикажа видео во кое прикажува демо уред со селфи камера под екранот, а се што покажува дека таа е поставена таму е кратка анимација каде би биле нејзините рамки.

Xiaomi, за разлика од Oppo, својата технологија ја презентира на целосно функционален и веќе претставен модел, односно Mi 9. Сепак, не е јасно која од овие две компании е подалеку со развојот и која прва на пазарот ќе претстави уред.

Ова се добри вести и од аспект на конкуренцијата. Производителите кои се на врвот од листата секогаш доцнат малку со претставување на вакви технологии, но затоа нивната имплементација обично е подобра и поквалитетна.

Се надеваме дека Note 10, којшто треба да биде претставен за некој месец ќе има ваква камера, а ако не, сигурни сме дека наредните S модели идната година ќе немаат исечок или дупка за предната камера.

Оставете коментар