Веројатно најпопуларната серија на Xiaomi смартфони кај нас е Redmi, од едноставна причина што нуди одличен дизајн, високи перформанси и квалитетна изработка, по многу ниски цени, кои се неретко и двојно пониски од еквивалентната конкуренција. Затоа, кога тие претставуваат нов Redmi модел, тој не смее да помине незабележано. Овој пат, тие ги покажаа Redmi 5 и Redmi 5 Pro, смартфони кои како и нивните претходници го следат трендот кој го воспоставија телефоните од високата класа, но по многу пониска цена.

Колку ќе биде ниска цената сѐ уште не знаеме – Xiaomi засега ни ги покажа само фотографиите (на твитер профилот на Product Management Director Донован Сунг), но моја претпоставка е дека основниот Redmi 5 модел кај нас ќе чини околу 200 евра.

За ова ќе добиете 18:9 дисплеј со многу мала рамка, што досега беше недопирливо за моделите од оваа класа, а скоро сигурно процесорот ќе има осум јадра и ќе биде помогнат од минимум 3 GB рам, што значи дека нема да мора да се грижите и дека телефонот ќе ви кочи. Очекувајте и солидна камера, како и читач за отпечатоци на прстите.

Ова се само шпекулации од моја страна – очекуваме до празниците Xiaomi да ни ги претстави и сите спецификации од овие телефони, а во меѓувреме ние ќе можеме само да се ситиме на фотографиите, на кои слободно може да се каже дека гледаме убави телефони изработени од алуминиум, кои потсетуваат на модели од повисоката класа, нешто што секогаш било експертиза на Xiaomi. Секако, нетрпеливо очекуваме да ги добиеме кај нас.

Извор: The Verge, Android Authority, NDTV

Претходна статијаЗаборавете на отпечаток на прст – Samsung смартфоните ќе ја читаат целата ваша дланка
Следна статијаMessenger Kids – Facebook претстави верзија од Messenger наменета за децата