yotaphone_photo_5

YotaPhone е оној интересен мобилен телефон кој што покрај стандардниот екран, доаѓа со уште еден екран на задната страна. Задниот екран е направен во EPD (Electronic paper display) технологија која што се карактеризира со црно-бели екрани кои што не користат сопствено осветлување, односно го користат светлото од околина. Наменети се да имитираат обичен текст напишан на обична хартија. Ваквите екрани беа воведени и популаризирани во електронските читачи за книги, како Amazon Kindle.

Иако интересен и практичен концепт, првата верзија на YotaPhone доаѓаше со прилично лоша имплементација, конкретно на употребливоста на задниот EPD екран. Тој се контролира преку мал дел под него осетлив на допир, а од тестирањата можеше да се види дека тоа не беше баш едноставна работа, а и често беа потребни повеќе обиди за да се детектира допирот.

Наредната генерација на овој телефон ја исправа оваа најголема негова мана, односно лошата работа со задниот екран. Така истиот во новата верзија ќе биде осетлив на допир, односно ќе биде капацитивен екран на допир, како другите екрани што се користат денес на телефоните. Со ова задниот екран ја проширува својата намена, па така покрај прикажувањето на информациите и минимална непрактична интеракција, новата верзија ќе овозможува целосна интеракција со прикажаната содржина. Ова значи дека преку задниот EPD екран ќе може да се одговори на повиците, нотификациите, пораките и други работи, но и играње на одредени „бавни“ игри како шах.

EPD екранот ќе биде поголем, односно ќе биде 4,7 инчен со резолуција од 960 x 540 и густина на пикселите од 235 ppi, што претставува големо подобрување од претходниот модел, посебно кога ќе се земе во предвид и осетливоста на допир.

Стандардниот, односно предниот екран исто така доаѓа со подобрувања. Ќе биде 5 инчен со Full HD резолуција и густина на пикселите од 442 ppi. Процесорот исто така е унапреден, па така новата верзија ќе биде со Snapdragon 800 четири јадрениот прецесор од Qualcomm.

Новата верзија од YotaPhone треба да излезе до крајот на оваа година, меѓутоа точната дата како и цената не се уште објавени. Концептот како и тест уред се претставени на годинешниот Mobile World Congress во Барселона.

Извор: TechCrunch

Претходна статијаHuawei TalkBand B1 – фитнес часовник и Bluetooth слушалка во едно
Следна статијаSynaptics ветуваат подобар сензор за отпечатоци на прсти во иднина
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.