По ланскиот концепт телефон Vivo Apex, кој подоцна беше претставен како официјален производ со името Vivo NEX, овој кинески производител и оваа година продолжува претставувајќи го Vivo Apex 2019.

Apex 2019 го задржува ланскиот стил на немање рамки околу екранот, но оваа година не гледаме предна камера која лани интересно се „појавуваше“ од самиот уред по потреба. Дали тоа ќе остане случајот доколку биде претставена официјална верзија од уредот, не знаеме, но и не веруваме.

Неколку нови карактеристики го прават годинешниот модел исто така интересен и посебен. За разлика од лани, сега според Vivo целиот екран ќе може да се користи за отклучување на телефонот, односно сензорот за отпечатоци под екранот е поставен да работи на целата негова површина.

Според The Verge кои имале шанса да го пробаат ланскиот модел, тврдењата од Vivo не биле баш точни во финалниот производ, па можеби не треба да се очекува сензор на целиот екран, но дефинитивно на голем дел од него.

Друга карактеристика која привлекува внимание кај телефонот е Snapdragon 855 процесорот кој ќе работи заедно со 12 GB на RAM меморија, како и 256 или 512 GB простор за податоци.

Исто како и вчерашниот Meizu Zero, Vivo Apex 2019 нема физички копчиња, нити USB порта и звучник. Звукот се пренесува преку самиот екран, страничните копчиња работат преку допир, но и проценка на притисокот, а полнењето на уредот се прави преку посебна магнетна порта на задната страна.

Овој телефон исто така доаѓа и со 5G чип и двојна камера на задната страна. Не е познато дали и кога би бил претставен комерцијален уред со овие карактеристики, но познато е дека овој концепт уред ќе биде прикажан на MWC 2019 идниот месец во Барселона.

ИЗВОРEngadget
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаMotorola има нов менаџер за продажба во Македонија
Следна статијаЗаврши 7мото издание на Global Game Jam Macedonia
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.