ubuntu-convergence-630x358

Пред неколку дена најавивме за новата Continuum можност која ќе се вградува во новите Windows 10 телефони од високата класа, а која овозможува поврзување на телефонот со поголем екран и работење на десктоп работна површина, како што тоа би го правеле со својот нормален Windows 10 компјутер.

Сега и еден од главните конкуренти на десктоп сцената, Ubuntu, најави дека нивниот нов телефон ќе ја има истата можност од оваа година. Тие оваа можност ја најавија одамна, меѓутоа малиот број на достапни телефони не дојдоа со неа, па остана нејасно за кога може да се очекува.

Најавата за овој телефон дојде директно од основачот на Canonical, компанијата која стои зад Ubuntu, Mark Shuttleworth: „Сакам да објавам дека ќе лансираме уред оваа година, кој ќе може да се смести во Вашиот џеб, кој ќе биде телефон и кој ќе може да ви прижи целосно десктоп искуство“. Во превод, новиот Ubuntu смартфон ќе може да се поврзе со голем дисплеј, маус и тастатура и да изгледа како десктоп верзијата на оперативниот систем.

Овие две компании го имаат истиот концепт, но добро е што се повеќе производители работат на ваквата идеја, која може целосно да го смени начинот на кој ги користиме телефоните, односно компјутерите. Сепак, Mark најави дека не само што сака да учествува во трката за лансирање на ваквиот уред, туку дека сака и да победи, односно да биде прв на пазарот и да има поуспешен уред.

Самиот телефон веројатно ќе биде произведуван од кинескиот производител Meizu, кој прави прилично квалитетни смартфони од високата класа. Секако, со оглед на тоа дека ќе треба да се користи и како компјутер, чипсетот би требало да биде од највисоката класа, исто како и другите вградени компоненти.

Сето ова, како и секоја нова информација во врска со Ubuntu оперативниот систем наменет за телефоните, секогаш треба да се земе со резерва, бидејќи Canonical веќе неколку пати најавуваше револуција во мобилната телефонија, но до такво нешто, како што сите веројатно знаеме, не дојде. Но, ајде да му оставиме шанса на малку подзаборавениот Linux дистрибутер…

Извор: Techno Buffalo

Претходна статијаLG конечно се врати на Windows Phone сцената со моделот Lancet
Следна статијаЕвропски суд одлучи дека Skype не може да добие трговска марка во ЕУ