Со оглед на начинот на работа на OLED екраните, односно на технологијата, јасно е веќе одамна дека овие екрани имаат можност за помала потрошувачка на енергија во одредени ситуации. Овие екрани се затоа и најмногу погодни за користење на „always on“ функцијата кај мобилните или како и да е наречена кај различните производители, функција која го прикажува часовникот и известувањата кога уредот е заклучен.

Причината поради која OLED екраните се погодни за вакви ситуации, односно зошто тие трошат помалку енергија за да може да се користат вака е едноставна. Пикселите кај OLED екраните сами ја создаваат светлината и се вклучуваат посебно, односно независно едни од други. Тоа овозможува да се вклучуваат само пикселите кои се потребни во моментот, наместо целиот екран во секое време.

Ова, потврдија од Google, овозможува да уредите со вакви екрани, во комбинација со темен режим кој се почесто го има кај апликациите, а сега и кај целите оперативни системи, значително ја намали потрошувачката на енергија.

Темниот режим на работа прави целосно црни или скоро црни делови од корисничкиот интерфејс, со што се доаѓа до ситуација да пикселите не треба воопшто да се вклучат во тој дел или да бидат вклучени со многу помала светлина од тоа кога се прикажува бела или друга посветла боја.

Истражувањата на Google покажале дека со јачината на екранот наместена на најголема вредност, во случајот со темен режим на работа се троши дури до 63% помалку енергија.

Истражувањето покажува и дека различните бои имаат различна потрошувачка, а оваа споредба можете да ја видите на следната слика.